Економија, финансии, бизнис

Контакт

Вистината за платите во Дрекселмаер: деловна тајна или минималец?

Вистината за платите во Дрекселмаер: деловна тајна или минималец?
Иако, во огласите за вработување во Дрекселмаер во Кавадарци речиси за сите позиции се нуди плата од 8.050 денари – од компанијата за „Фактор“ велат дека кај нив никој не работи за минимална плата. Објавените плати не биле точни и за сумите не сакале да дискутираат. Но, ако, објавените плати во огласите не се точни, нема најава дека ќе бидат коригирани во огласите, со оглед дека законска обврска на секоја комапнија која објавува оглас за вработување е да ја објави и висината на платата што ја нуди за работното место за кое бара работник. „Платите кои се објавени и кои наводно се на ниво на минимална плата не се точни. Ние никого не исплаќаме на ниво на минимална плата, а нашата структура на плати е базирана на перформансите и вештините на вработените. Во принцип, не ги дискутираме платите во јавност, одговорија од Дрекселмаер за „Фактор“. Од менаџментот на Дрекселмаер нема одговор на прашањето - ако платите напишани во објавените огласи не се точни, тогаш кој во нивно име ги напишал сумите во огласите. А уште повеќе, зошто тоа некој би го сторил? Дополнително, нејасно е и дали Дрекселмаер (со оглед дека тврди оти станува збор за неточни суми) ќе побара одговорност од оние кои ги објавиле огласите за вработување со сумите од 8.050 денари, а во случајот тоа е државната Агенција за вработување? Нема ниту одговор ниту на прашањето, дали надлежните во Дрекселмаер огласите за вработување ги доставиле со други суми, и кои биле сумите што тие ги напишале, ако веќе велат дека објавените суми не се точни. Објаснувањето на менаџментот на Дрекселмаер дека не дискутираат за платите во јавност – паѓа во вода со оглед дека законот им налага да ја објават платата што ја нудат кога објавуваат оглас за вработување на сите компании. Па така, легитимитетот на прашањето колкави плати нуди Дрекселмаер е законски издржан, со оглед дека според Законот за работни односи, секоја компанија кога објавува оглас за вработување – мора да ја напише и платата што ја нуди на работникот. Оваа законска обврска беше донесена лани, со измените на Законот за работни односи, па така во членот 23, став 5 се вели дека: „Во јавниот оглас покрај другите посебни услови работодавачот е должен да го наведе почетокот и завршетокот на дневното и неделното работно време, распоредот на работното време и паричниот износ на основната плата за работното место за кое се бара работник“ За сите овие дилеми, редакцијата на „Фактор“, повторно писмено со обрати до надлежните во Дрекселмаер. С.Н.
Слично

Поврзани вести