Во новата година нов начин на поднесување пресметки за персонален данок
Oд 1 јануари 2018 година со Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за персоналниот данок на доход се воведува нова процедура за пресметување и плаќање на обврските за персонален данок на доход.
Тоа значи дека пресметувањето на данокот ќе се врши со поднесување електронска пресметка за приход и данок (е-ППД) до Управата за јавни приходи преку новиот систем е-персонален данок.
„Електронска пресметка за приход и данок имаат обврска да поднесат исплатувачи на приходи правни лица кога исплаќаат приходи по сите основи на физички лица резиденти на Република Македонија и на нерезиденти, освен за исплата на плата на вработени лица. Физички лица резиденти, кои остваруваат приходи од други физички лица и приходи од странство, освен за приходи од вршење самостојна дејност, како и физички лица нерезиденти, кои остваруваат приходи од други физички лица во Македонија“- информираат од Упрвата за јавни приходи.
Од УЈП информираат дека со воведувањето на електронската пресметка (е-ППД) граѓаните за приходите што подлежат на оданочување, а се остварени во земјата или во странство, почнувајќи од 1 јануари, немаат повеќе обврска за поднесување аконтативни даночни пријави ПДД-АДП/ПИ, ПДД-АДП/КД и ПДД-АДП/ДП.
Од УЈП додаваат и дека со законските измени и новите даночни процедури за персонален данок, физичките лица што остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи за приходите остварени почнувајќи од 1 јануари 2018 година, немаат обврска за поднесување пријава за регистрација на обврзниците што остваруваат приходи од земјоделска дејност.
Почнувајќи од 2019 година, Управата за јавни приходи ќе им издава пополнета годишна даночна пријава на граѓаните преку системот e-pdd.ujp.gov.mk за приходите што ќе ги остварат во 2018 година. Граѓанинот ќе има обврска само да ја потврди или коригира пријавата.
