ВО „МАШКА“ ПРОФЕСИЈА: 59 жени сакаат да бидат пилоти
Вкупно 466 кандидати се пријавиле на огласот на МВР за пилоти на полициски хеликоптер. Само четворица не ја минале административната проверка. Останатите 462 денеска го започнаа процесот на физичка селекција, а меѓу нив 59 се жени.
Строгата селекција ќе ја минат само 12 кандидати, колку што се бараше на огласот на МВР, иако за едно место во борба се дури речиси 40-мина.
„Проверките што ги правиме за пилоти на полициски хеликоптери се сосема различни од оние за полициски службеници, од причина што и нашите барања се различни, и сосема се различни и позициите за кои регрутираме луѓе. Со оглед на силната конкуренција, јас верувам дека до крајот на селекцијата ќе ги добиеме најдобрите 12 кандидати“, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која го означи стартот на физичката проверка.
Најдобрите 12 кандидати ќе треба да поминат 19-месечна обука во Центарот за обука на пилоти на хеликоптери пред да добијат вработување во МВР.
Слично
