Во Македонија затворите се пренатрупани
Во моментов, во казнено-поправниот дом,,Идризово” се сместени 1900 затвореници, иако вкупниот капацитет е 700 затвореници, јавува весникот Вест.
Во изјава за Вест, директорот на затворот, Живко Пејковски ја потврдил оваа бројка и рекол дека тоа е така затоа што и останатите затвори во Македонија биле преполни.
Народниот правобранител Иџет Мемети многупати апелираше да се реагира што побрзо за пренатрупаноста во "Идризово". Секоја година ги известува и Обединетите нации дека условите во затворите во Македонија се нехумани.
,,Иако и претходно од надлежните институции беше најавувано преземање соодветни мерки за намалување на пренатрупаноста во затворите и подобрување на сместувачките капацитети, од посетите во овие установи и поплаките на осудените и притворените лица, неспорно произлегува заклучокот дека условите не само што не се подобрени, напротив тие се полоши од година во година", рече Омбудсманот во извештајот за 2014 година, укажувајќи посебно на пренатрупаноста во "Идризово".
Пренатрупаноста во затворите е проблем и за други негативни појави како несоодветни сместувачки услови, лоша хигиена, неквалитетна храна, лоши услови во санитарните простории и слично.
Од раководството на затворот го чекаат реновирањето и изградбата на новите објекти во ,,Идризово”.
