Во Македонија има неусогласеност меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на труд
Голем број струки се дефицитарни во Македонија, а дополнителен проблем е што постоечкиот кадар ја напушта државата најчесто поради ниските примања.
Неусогласеноста помеѓу образовниот систем и потребите на пазарот на труд е причина многу од неопходните занимања во Македонија воопшто да ги нема во образовниот систем, а дефицитарните кадри, поради повисоки плати, најчесто си заминуваат во странство.
Електроинсталатер и монтер на водоводна и гасоводна инсталација, гастрономи, медицински персонал, градежени техничари и работници, се само дел од занимањата кои според информацијата на Агенцијата за вработување на Македонија за ДВ, „се секогаш барани струки на пазарот на трудот“.
Некои занаети воопшти ги нема во образовниот систем.
Во Македонија недостасуваат школувани касапи за работа во месната индустрија, специјализирани работници за кожарската индустрија, молери, монтери, пекари, одржувачи на машини за текстилната индустрија и други.
Некои од овие занимања воопшто и не постојат во образовниот систем во земјата, констатира економистот Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.
„Единствен начин да ги пополниме овие работни места е преку преквалификација на работната сила. Тоа во последниве години го прави Агенцијата за вработување, но тоа е недоволно за да да се задоволат сите потреби на работодавците кои мака мачат поради недостиг на овие кадри - нагласува Димитров, објави „Дојче Веле“.
Работодавачите ја нагласуваат потребата од вработување работници со работно искуство, како и стекнати дополнителни знаења и вештини. Тие воедно предлагаат до Министерството за образование и наука (МОН), средношколците кои учат за дефицитарни занимања задолжително да имаат практична настава.
„Недостатокот од работно искуство и дополнителни вештини претставува основен проблем со кој се соочуваат работодавачите при пополнување на слободните работни места“, потенцира Димитров.
