Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во Македонија е уништена слободата на учебникарството!

Во Македонија е уништена слободата на учебникарството!
Учениците да учат од учебници полни со грешки и тоа со години да се повторува без притоа никој да ја сноси одговорноста е системски и општествен пораз од кој директна штета ќе трпат  учениците кои нема да добиваат знаење туку наредби кои ќе ги вратат многу чекори назад во образовниот процес-сметаат дел од  експертите. Поранешниот министер за образование Ненад Новковски за Фактор вели дека процесите на образовни реформи се комлексни и со голема инерција и не е замисливо да се менуваат на краток рок од какви и да е причини, во овој случај дневно политички. Тоа вели  нанесува невидени штети на системот, којшто треба да биде имун на потресите во општеството, посебно на брзите промени во власта. “Тоа што измените на законите остануваат за следната година е позитивно, зашто последните измени постојано внесуваа толку лоши решенија што е подобро ништо да не се направи подолго време, отколку каков и да е чекор во насока којашто сегашнaва власт ја одржува. Отстранувањето на грешките е стручна работа и не треба во никој начин да зависи од волјата на власта. Кога стручните институции ќе утврдат дека треба да бидат направени корекции, тоа треба и да се стори. Во овој случај проблемот произлегува оттаму што оваа власта ја уништи слободата на учебникарството и ја презеде целата контрола врз издавањето учебници, па така ниту основните корекции што треба да се направат не може да се реализираат ако нема обезбедени средства во буџетот, а во овој случај е јасно дека е тоа поради преднасочувањето во предизборни активности”-додава Новковски. Одложувањето на законските решенија за основно, средно и високо образование кое надлежните го најавија на стартот на учебната година, објаснува е уште едно тактизирање да се добие на време, поради немањето на стратегија како да се излезе на крај со лошо спроведените реформи. Доказ за тоа е последната одлука државната матура да се полага по стариот концепт со можност за избор на предмети, која беше донесена токму во моментот кога средношколците најавија нов фронт за подобро и поквалитетно образование. Работата на развојот на образованието вели Новковски, мора да биде континуирана и интензивна во секое време, а образованието треба да биде  систем којшто е независен од брзите промени во политичко-општествените текови, посебно од дневно-политичките осцилации. “Јасно е дека власта е страшно исплашена од студентските и средношколските изворни реакции со огромен интензитет. Таа се обидува некако да ги неутрализира или да ги прикрие овие потреси, но не е свесна дека тоа нема да биде можно. Власта не смее и не може да има такви приоритети што би ја загрозиле образовната иднина. Да се потсетиме дека и во времето на конфликтот образовниот систем си функционираше на целата територија на земјата без големи потреси. Ова е уште една потврда дека институциите на системот не функционираат во Македонија”-нагласува универзитетскиот професор. Единствено решение како што вели е сериозно да се земат предвид позициите на сите партнери во образовниот процес и експертските мислења за оваа сложена проблематика. Тука според него не  користат евтини трикови како оние што се употребуваат при посета на месните заедници од врвот на власта. С.Б.
Слично

Поврзани вести