Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во Македонија да се користат само македонски туристички водичи

Во Македонија да се користат само македонски туристички водичи
При посета на странски туристи во земјава да биде задолжително тие да добиваат информации од домашни туристички водичи, бараат македонските туристички работници. На средба со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, туристичките комори и експерти биле децидни дека не смее да се дозволи водичи од странство да ја прераскажуваат македонската историја и знаменитости. „Сериозно ќе го разгледаме овој предлог, бидејќи имаме случаи во кои организирани тури на странски туристи добиваат информации за македонската историја, но гледано низ очите на водичите од тие држави. Секогаш е добро пред почетокот на туристичката сезона да се остварат серија средби со инволвираните во туризмот за да може да се подобри состојбата“, вели Пешевски. Туристичките работници побараа и поголем број патни одморалишта со тоалет, каде што туристите ќе можат да се одморат и да се освежат, но и да се презентира одредена туристичка локација без да се нарушува сообраќајот. За градот Охрид било предложено да воведе туристички воз со кој и постарите лица ќе можат да ги посетат туристичките атракции во повисоките делови на градот. Според директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Кристијан Џамбазовски, на денешната работна средба го разгледувале нивото на реализација на преземените активности од програмата за 2014 година. „Во моментов се започнати неколку проекти, а проектот за планинарски патеки е во фаза на реализација. Наскоро ќе отпочнеме со проектот за велосипедски патеки, а во планот за оваа година е и проектот за верски туризам, како и други проекти кои ќе почнат во втората половина од годинава“, прецизира Џамбазовски.
Слично

Поврзани вести