Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во кои европски престолнини со минимална плата не може да се покрие кирија?

Во кои европски престолнини со минимална плата не може да се покрие кирија?

Минималната плата не покрива кирија во повеќето европски главни градови.

Kaко што објави Евростат, 23,6 проценти од потрошувачката на домаќинствата во Европската Унија одат за домување, вода, струја, гас и други горива.

Кириите, пак, како што пишува Euronews, претставуваат особено голем товар во поголемите градови, особено за луѓето кои примаат минимална плата.

Анализата на Европската конфедерација на синдикати (ETUC), базирана на податоци од Европската Унија, покажала дека просечната цена за изнајмување двособен стан во главните градови на повеќето земји-членки е повисока од бруто минималната плата.

Најтешка е состојбата за работниците кои примаат минимална плата во Прага. Во чешката престолнина просечната кирија чини 1.710 евра, додека минималната плата е 924 евра. Тоа значи дека за двособен стан се потребни 185 проценти од минималната плата.

На второто место е Лисабон со 168 проценти. Во Португалија месечната бруто минимална плата изнесува 1.073 евра, додека просечната кирија во главниот град достигнува 1.710 евра.

Учеството на бруто минималната плата потребно за кирија надминува 150 проценти и во Будимпешта (159), Братислава (158), Софија (154), Атина (153) и Рига (151 процент). Тоа значи дека лицата со минимална плата би морале да ја потрошат целата заработка само за кирија, а сепак би им недостигале дополнителни средства за да ја покријат.

Овој процент надминува 100 проценти, што значи дека минималната плата не е доволна за плаќање кирија, и во Валета (143), Париз (138), Талин (131), Мадрид (125), Букурешт (122), Варшава (117), Даблин (113), како и во Љубљана и Вилнус со по 105 проценти.

Најдобра е состојбата за работниците со минимална плата во Брисел и Берлин, каде киријата изнесува 70, односно 76 проценти од минималната плата.

„Високите трошоци за домување и ниските плати ги туркаат луѓето во сиромаштија, а економијата кон рецесија. Огромниот јаз меѓу кириите и платите е целосно неодржлив. Кога на тоа ќе се додадат и растечките трошоци за енергија и храна, вработените мора да позајмуваат пари за основни потреби и практично немаат расположлив приход – што штедењето за замена на основни апарати или посета на стоматолог го прави невозможно“, предупреди генералната секретарка на ETUC, Естер Линч.

Во споредба со главните градови, државните просеци покажуваат нешто подобра слика. Во многу земји бруто минималната плата е доволна за плаќање кирија, но таа и понатаму претставува значително поголем трошок од просечните 23,6 проценти што европските домаќинства ги издвојуваат за домување и режии.

Меѓу 16-те земји на ЕУ опфатени со анализата, процентот од минималната плата потребен за покривање на киријата се движи од 33 проценти во Полска до 61 процент на Малта.

Слично

Поврзани вести