Во кои две европски земји луѓето најмногу користат готовина?
Три четвртини од Германците плаќаат претежно во готово.
Граѓаните на Германија и Австрија користат готовина повеќе од жителите на седум други европски земји анкетирани од Институтот YouGov.
На прашањето за најчесто користениот метод на плаќање, 73 проценти од 2.026 возрасни испитаници во Германија посочија готовина, објави ДПА. Анкетата e реализирана во декември и ја нарача BearingPoint.
Така, уделот на луѓе кои најчесто плаќале во готово во Германија дури и се зголемил во споредба со анкетата од претходната година, кога изнесувал 69 проценти.
Во други земји, употребата на готовина е во опаѓање - дури и во Австрија, каде што во најновото истражување, 71 процент од 1.000 учесници во анкетата рекле дека често користат готовина.
Во седум други земји, банкнотите и монетите се користат многу поретко. Во Швајцарија, која е на третото место, 61 процент често користат готовина. Во Ирска, уделот е 58 проценти, во Франција 51 процент, а во Холандија 46 проценти.
Готовината особено ретко се користи во трите скандинавски земји. Во Шведска, 25 проценти од испитаниците користат готовина, во Данска 32 проценти, а во Финска 42 проценти.
Околу една четвртина во Шведска, поточно 27 проценти, наведуваат дека воопшто не користат готовина. Во Данска, речиси секој петти испитаник, или 18 проценти, го тврди истото. За споредба, само два проценти во Германија и еден процент во Австрија воопшто не користат готовина.
Целосно збогување со готовината во следните десет години се смета за сигурно или многу веројатно од 37 проценти од испитаниците во девет земји.
foto freepik.com
