Во јануари минималната кошничка е зголемена за 770 денари
Минималната синдикална кошничка за јануари чинела 35.811 денари. Синдикалната кошничка ги утврдува минималните трошоци за живот на едно четиричлено семејство на месечно ниво.
Таа е зголемена за 770 денари во споредба со декември 2021 година, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Од оваа сума пари 15.317,93 денари или 42,77 отсто се трошат за исхраната и пијалаците, со 11.447,24 денари, односно 31,97 отсто учествува домувањето.
Понатаму, за хигиената се трошат 6,74 отсто или 2.415,09 денари, за превозот одат 2.652,27 денари, односно 7,41 отсто, за облека и обувки со 2.165,27 денари или 6,05 отсто, за култура 1.067,86 или 2,98 отсто и одржување на здравје со 745,34 денари, односно 2,08 отсто.
Минималната плата се зголеми на 18.000 денари. Од март месец, работниците не смеат да земаат помалку од 18.000 денари. Во земјава растат трошоците за живот.
