Во јануари „изгореа“ 21 милион евра од владиниот буџет за ЕСМ
Владата во текот на 2022, односно во месец јануари, му префрлила вкупно 21 милиони евра на АД ЕСМ за надминување на енергетската криза со електрична енергија.
Во два наврати се префрлени финансиски средства од 670 и 615 милиони денари. И во двете трансакции на наменската сметка, меѓудругото, се споменува набавка на дополнителни количини на електрична енергија, според претходните соопштенија на владините седници.
Првиот пат 670.000.000 денари беа наменети „за реализација на проекти од областа на енергетиката, односно за производство и обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија од обновливи извори на енергија за надминување на состојбата со енергетската криза. Сумата од 615.000.000 милиони денари пак од Владата беше соопштено дека е наменета „за реализација на мерките за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија за зголемување на производството на електрична енергија и за обезбедување мазут и други потребни средства и услови за продолжување со производството на електрична енергија од страна на ТЕЦ Неготино, заради справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија“.
„Електрани“ дополнителните количини на електрична енергија од домашно производство во кризна состојба од гасната централа ТЕ-ТО од 1 февруари до 31 март, со новата одлука на Владата, ќе ги купува со пари од буџетот. За таа намена Владата веќе одобрила првична помош од 53.808.000 денари, или нешто помалку од 900.000 евра за ЕСМ. Се очекува овие пари да бидат наскоро уплатени, но нема детали уште колку вакви интервенции ќе има до крајот на март.
Според пресметката на „Фактор“, помошта за државните електрани за 2021 беше заокружена на 86 милиони евра, исплатени за помалку од два месеци, а во моментов нема јасни одговори до кога ќе траат буџетските интервенции за надминување на кризата.
Овие суми Владата ги издвојува само заради стопроцентно снабдување со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Големите компании се снаоѓаат самите на слободниот пазар каде што цените се многу повисоки.
А.К.
