ВО ХРВАТСКА ОД ДЕНЕСКА СЛОБОДЕН ВЛЕЗ ЗА ВАКЦИНИРАНИТЕ: Ги признаваат и руската и кинеската вакцина
Сите кои се целосно
вакцинирани, односно ги примиле двете дози од која било вакцина, како и оние
кои во последните шест месеци прележале Ковид-19, од денеска ќе може да
патуваат во Хрватска. Тамошните власти информираат дека ги признаваат и руската
вакцина Спутник V, како и вакцините од кинеските фармацевтски компании. Исто
така се признава и брз антиген тест, кој е одобрен во ЕУ.
„На ниво на ЕУ, во моментов нема заклучок за вакцините кои не се регистрирани во рамките на ЕУ. Кога ќе дојде на дневен ред, ќе се донесе заеднички став и тогаш ќе се прилагодиме на таа одлука. Дотогаш, што се однесува на Хрватска, важно е да се има примено вакцина, руска или кинеска, не е важно“, изјави министерот за внатрешни работи на Хрватска Давор Божиновиќ.
Директорот на хрватскиот институт за јавно здравје Крунослав Чапак рече дека крајниот рок е 14 дена по втората доза на која било вакцина за преминување на границата. Според него, тоа е периодот кога максималниот имунитет останува стабилен.
