Во Грција започнуваат серија протести против пензиските реформи
Владата во Грција ќе се соочи со серија протести поради пензиските реформи, за 4 февруари се планира национален штрајк, соопшти „Катимерини“.
Ова беше договорено во петокот, 15 јануари, од двата главни синдикати во Грција - GSEE и ADEDY.
Техничката комора во Грција во петокот објави дека градежниците ќе штрајкуваат следната недела, а земјоделците исто така, планираат блокирање на патиштата во следните денови пред протестот во Атина на 28 јануари.
Правниците, кои веќе штрајкуваа оваа недела, ќе го продолжат протестот до 22 јануари, а вработените во граѓанските информативни центри „KEP“ одлучија пак да излезат на протест два дена порано.
Синдикатот на државните службеници „ADEDY“ планира за денеска, 16 јануари, на пладне демонстрација на плоштадот Омонија во центарот на Атина.
Претставници на „ADEDY“ се состанаа во петокот со делегација на „GSEE“ и одлучија да организираат втор национален штрајк откако „СИРИЗА“ беше реизбрана на власт во септември. Штрајкот ќе биде во почетокот на февруари.
Во изјавата „GSEE“ наречена владината политика „катастрофа за економијата и општеството“. Предлогот на Владата цели да се избегнат непосредните кратења на пензиите, што не им се допаѓа на доверителите. Коалицијата се надева институциите да ги прифатат предлозите и да може да ги достават до парламентот за гласање пред крајот на февруари.
Европската комисија, еден од доверителите на Грција, најверојатно ќе започне да ја разгледува програмата за реформи на земјата следната недела, изјавил потпретседателот Валдис Домбровскис во интервју за грчкиот печат.
Атина треба да го заврши успешно првото испитување на програмата за реформите, за да започне преговори за заемот.
Домбровскис изјавил дека за да се обезбеди позитивна оценка, Грција мора да ги исполни пензиските реформи и да се создаде нов приватизационен фонд.
