Во Грција загриженост, се очекуваат ли напади?
Властите во Грција имаат тревога за можен нов терористички акт, откако вчера две лица со мотоцикл фрлија граната на француската амбасада во Атина.
При нападот настрада полицаец, јавуваат грчките медиуми.
Се забележува дека инцидентот е само неколку дена пред посетата на американскиот претседател, Барак Обама во Грција на 15 месецов. Извор од полицијата, цитиран од весникот „Прото тема", предупредува дека следните денови околу посетата на Обама и годишнината од атинската Политехника можат да бидат искористени како прилики од вооружени групи.
Грчките антитерористи сметаат дека вчерашниот напад врз француската амбасада бил добро организиран од искусни терористи и дека зад него е многу веројатно да стои терористичката организација „Група на народните борци". Досега никој не ја презеде одговорноста за нападот, но полицијата е во очекување на прогласувањето.
