Во Грција расте бројот на инфицирани со омикрон
Во соседна Грција се зголемува бројот на инфицирани со омикрон.
Поголемиот број од овие случаи не се поврзани со патување во некоја од земјите каде што е раширен новиот сој на коронавирусот.
„Во овој момент имаме потврдени 26 случаи на варијантата oмикрон, но да не се задржиме на оваа бројка, бидејќи се очекува да видиме повеќе случаи“, рече претседателот на Националната организација за јавно здравје на Грција Теоклос Заути, јави дописничката на МИА од Атина.
За 24-часа, во Грција се регистрирани 3.689 заразени, починаа 85 лица, а 670 пациенти се приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници, од кои 555, односно 82,84 отсто се невакцинирани или делумно вакцинирани.
Досега скоро 20.000 луѓе во Грција починаа од коронавирусот.
Ентони Фаучи, американски инфектолог и советник за пандемија во Белата куќа, изјави дека омикрон сојот на коронавирусот го пустоши светот, но дека вакцинираните и оние кои примиле засилена доза не треба да се грижат доколку ги следат мерките. Овој сој го имаше во најмалку 80 држави во светот уште минатата недела.
Израел пак на црвена листа стави 10 држави поради омикрон.
