Во граничната полиција незадоволни, бараат промена на колективниот договор
Полицајците во граничната полиција од станиците Танушевски, Гошинце, Маздрача и Стрезимир работат по системот четири дена на работа четири дома и со преполовени дневници.
Претседателот на независниот полициски синдикат, Гоце Делчев Тодев денеска на протестот пред МВР, кажа дека навршува една година од најкатастрофалниот колективен договор кој е потпишан во МВР. Ако барањата не се реализираат, протестите ќе се радикализираат.
„Ни ги забетонираа и онака лошите права во РМ посебно во рамките на МВР. Сето тоа што беше во 4 полициски станици се најдоа личности во рамките на МВР, Виолета Влаховиќ, вечен началник, односно помошник министер, изготвила нешто со кое најверојатно ќе треба да се бркаме по судови. На сегашниот актуелен министер му подметнаа документ под име одлука со кој срамот го проширија на уште поголем број полициски станици за обезбедување на државната граница каде вработените четири дена се работно ангажирани а нешто повеќе од два дена се слободни“- изјави Гоце Делчев Тодев.
Вработените во граничните полициски станици апелираат до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за промена на колективниот договор, а воедно велат дека условите за работа се лоши.
Од МВР велат дека донесувањето на Одлуката за проширување на објектите е вообичаено формално-правно постапување на министерството во услови на утврдена потреба за заштита на безбедноста на Република Македонија.
„Оваа одлука е во согласност со одредбите од Колективниот договор на МВР, потпишан од претходниот министер, кој се уште е на сила и покрај незадоволството од дел од вработените“ - пишува во соопштението.
Наведено е дека Спасовски е подготвен да им излезе во пресрет на вработените, но поради хаосот во МВР овие активности се запрени.
