Во гостиварското училиште немало никаков отровен гас!
Институтот за судска медицина не пронајде никаков отровен гас кај пациентите од гостиварското Средно економско училиште, кои пред неколку дена се пожалија дека непознат сторител фрлил гас во училиштето и се обидел да ги затруе.
Анализите не покажаа присуство на никаков отров, солзавец или друга хемикалија кај пациентите кои најпрвин биле примени во гостиварската болница, а потоа дел беа префрлени во Скопје.
Претходно и на Клиниката за токсикологија не беа пронајдени хемиски супстанции кај хоспитализираните пациенти, но земените мостри за поголема сигурност беа испратени и на дополнителни анализи во Институтот за судска медицина.
Испитувањата биле направени на брисеви и примероци од облеката на учениците, потврди и портпаролот на МВР Иво Котевски. Допрва ќе се одлучува како да се постапи во овој случај и дали некој ќе одговара за предизвиканата лажна тревога.
Вкупно 60-тина пациенти, ученици но и професори, во гостиварската болница се пожалиле на отежнато дишење и солзење на очите, а 16-тина од нив беа префрлени на Клиниката за токсикологија во Скопје. Идниот ден тие на сопствено барање ја напуштија Клиниката.
Во меѓувреме, Средното економско училиште беше дезинфицирано и во него продолжува наставата.
Слично
