ВО ГЕРМАНИЈА ГОРИВОТО ПОСКАПЕ ДРАСТИЧНО ПРЕКУ НОЌ - причина: Данокот кој беше намален, се врати на старо
По истекувањето на владините мерки за субвенционирање на цените на горивата, цените на бензините и дизелот драстично поскапеа преку ноќ, соопшти Генералниот германски автомобилски клуб (ADAC). Од вчера до денеска бензините поскапеа во просек за 25 центи, а дизелот за 10 центи по литар“, соопштија од АДАЦ.
По правило, цената на литар гориво на сите бензински пумпи ја надминуваше границата од две евра. Во јуни германската влада го намали данокот на нафтените деривати на минимално дозволеното за три месеци, што теоретски овозможи намалување на цената на горивото за 35 центи за бензинот и 17 центи за дизелот.
ADAC смета дека нафтените компании во ниту еден момент не ја искористиле целосната можност за намалување на цената на горивото, која не падна значително за време на летниот распуст и ја зголеми побарувачката.
Остра критика
„Уште од објавувањето на мерките за намалување на даноците, постои голем сомнеж дали нафтените компании ќе ги префрлат намалените трошоци на крајните корисници“, рече Катрин ван Ранденборг од ADAC. И за последното поскапување, како што тврдат од најголемиот европски автомобилски клуб, нема оправдување.
Претставниците на нафтените компании зголемувањето на цените го оправдуваат со порастот на побарувачката, намалениот капацитет на рафинериите и логистичките проблеми.
Од самиот почеток голем дел од јавноста ја критикуваше владината одлука за поевтинување на горивото и воведување субвенциониран билет за јавен превоз, што беше окарактеризирана како контрадикторна мерка.
Економистите беа против мерката
„Никогаш не мислев дека има смисла“, вели за ДВ Мануел Фрондел, енергетски економист и професор на Институтот за економски истражувања Лајбниц во Есен. „Со оглед на актуелниот климатски проблем, ова е крајно контрапродуктивно“, додаде тој.
„Намалувањето на данокот за гориво е проблематично бидејќи го намалува поттикот за штедење и ги олеснува возачите со големи автомобили, голема километража и високи приходи“, рече Стефан Бах од DIW.
Институтот за економски истражувања (IW) исто така беше критичен за овие субвенции. „Попустот за гориво е добро прифатен од народот, но тоа не помага“, пишуваат во својата анализа економистите на IW.
„Политиката треба да интервенира на пазарот само ако зголемувањето на цените е резултат на злоупотреба на пазарната моќ. Интервенцијата во поставувањето на цените секогаш треба да биде политика на последно средство“, најавуваат тие.
