Во фокусот на грчките медиуми протестите во Скопје и Австралија
„Не за контакти со Атина, рекоа илјадници демонстранти во Скопје“, „ПЈРМ: Собир во Скопје против промена на името на земјата“, „Нов протест за името Македонија“, „Голем протест во Скопје против промена на името“, „Голем протест во Скопје со слоганот: Ние сме Македонци“, „Ние сме Македонија: нов протест во Скопје“, oва се само дел од насловите во онлјан изданијата на грчките медиуми за вчерашниот протест во Скопје.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, во кусите текстови, без дополнителни анализи и коментари, медиумите во Грција, повикувајќи се на информации од Ројтерс и од македонските медиуми, објавија и фотографии од демонстрациите.
„Со централен слоган „Ние сме Македонија“, граѓанските организации што учествуваа во протестот, ја повикаа Владата на ПЈРМ да не се согласи на никаква промена на името, но и да ги заштити јазикот и националниот идентитет“ - пишува електронското издание на весникот „Ефимерида тон синдактон“.
Медиумите кај јужниот сосед објавија дека во протестот учествувале околу 5.000 лица, а потсетуваат дека ова е втор собир во Скопје за една седмица.Во синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии, новинарите, акцентот во прилозите го ставија на протестите што ги организираше македонската дијаспора во Австралија.
