Во ЕУ се говори за нови exit-и
Војната на САД и Израел против Иран почна да ја потресува и Европската Унија. Не станува збор само за политичките и економските последици за Унијата. Таму почна да се зборува за нови напуштања на Унијата. Слични на британскиот Brexit. Тие се совпаднаа со потезите и некои ставови на Доналд Трамп. Но главната причина секако е во самата Унија.
Нејзините лидери веќе четири години се занимаваа и беа опседнати со уништувањето на Русија и поддршката на Украина. Неколку месеци наназад тие како да не гледаа што подготвува Трамп, кога воените поморски конвои пловеа кон Блискиот Исток. Германскиот канцелар Фридрих Мерц веднаш по првите израелско-американски удари беше во Белата куќа кај Трамп, даде поддршка на американските бомбардирања, „да се ослободиме од овој ужасен терористички режим“. За подоцна да почне да зборува за нарушување на меѓународното право, но и правото на САД и Израел да се бранат од Иран!
Единствен од ЕУ кој веднаш се спротивстави на американско-израелската воена интервенција беше шпанскиот премиер Педро Санчез. Ден два потоа, во едно интервју, тој ја бранеше одлуката на Мадрид да се спротивстави на војната поврзана со Иран, истакнувајќи дека ставот „не за војна“ се темели врз принципи и почитување на меѓународното право, а не врз политички калкулации. Ставот на Шпанија претставува дел од доследната надворешна политика на земјата. „Оваа војна не беше предизвикана од Шпанија. Тоа е војна што еднострано ја поттикнаа две држави“, изјави Санчез, додавајќи: „Нема да ја решиме нестабилноста на Блискиот Исток со толку флагрантна незаконитост“. Според него, „Да се биде сојузник на САД не значи да се каже ‘да’ на сè“, додавајќи дека почитувањето на меѓународното право е водечки принцип во ставовите на Шпанија и во други конфликти, како оние во Украина и Газа. Санчез истакна и дека Европа треба да продолжи да го брани меѓународниот поредок заснован врз правила. „Светот се менува, но вредностите и принципите на Европската Унија не треба да се менуваат“, рече тој.
За разлика од него повеќето европски држави ја поддржаа американско-израелската операција, можеби не толку гласно, а некои и испратија воени бродови и авиони во близината на воените дејства. Не можеа да реагираат поинаку. Тие уште по доаѓањето на Трамп на чело на САД во вториот мандат, му се потпикнуваа, се натпреваруваа кој ќе биде поблиску и поблагодарен кон Трамп. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, беше за неверување за својот однос кон американскиот претседател. А, деновиве, поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг предупреди дека Алијансата може да се распадне за време на траењето на мандатот на Трамп! Се разбира ако членките не успеат да даваат пари за вооружување како што бараше американскиот претседател.
ТРАМП САКА ДА ЈА „ПОДЕЛИ ЕВРОПА“
Војната на Блискиот Исток може да биде многу опасна за Европа. Тоа веќе се гледа ако се смета на енергенсите. Но што ќе стане ако се блокира Ормускиот теснец. Ниту нафта, ниту гас ќе може да се добие од таму. А Трамп сега сака да ги вовлече сите во неговата војна. И Европејците и Арапите...Тоа може да влијае и врз безбедноста на Европа. Рускиот политичар, Владимир Жириновски, неколку години пред смртта, во еден телевизиски настап, проговори за воја на САД и Израел против Иран. Меѓу другите последици тој ги спомна бегалците, кои ќе ја поплават Европа. После други перипетии и последици за Европа, Трамп и рускиот претседател, Владимир Путин ќе седнат ќе се договорат, рече Жириновски во својот настап! Секако ова е само хипотетичка изјава на еден политичар, но фактот за нарушување на безбедноста на Европа поради бегалскиот бран е реален. Веќе има некои анализи дека дури 20 проценти од населението на Иран ќе сака да бега од ужасите од војната. А тоа е околу 18 милиони луѓе! Што прават европските политичари за оваа последица од војната? Растргнати меѓу зависноста од САД, политичка и безбедносна и реалната закана тие како да немаат време да седнат на маса и да се договорат. Дали да се приклучат кон САД или пак да го почитуваат меѓународното право, кое е очигледно нарушено од нивните сојузници. Европа е длабоко вклучена во војната во Украина и троши стотици милијарди евра за да се казни Русија, заради нарушувањето на меѓународното право. Дали, повторно, на површина ќе излезат двојните стандарди на европската Унија? А што ќе се прави ако САД кренат раце од Европа!?
Во очекување на наредните потези на Унијата, деновиве првиот човек на европската дипломатија, Каја Калас, даде интервју за „Фајненшел тајмс“. Таа верува дека Вашингтон се обидува да посее раздор меѓу европските влади, кои се послаби ако дејствуваат во неединство.Администрацијата на Трамп сака да ја „подели Европа“ со тактиките на противниците на ЕУ, предупреди високиот дипломат на блокот, во време кога европските престолнини очајно се обидуваат да избегнат раскинување со сè понепријателскиот Вашингтон.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, веќе воведе царини и прибегна кон економски закани, зборуваше за анексирање на Гренланд, па дури и го уценуваше Брисел со идејата за зависноста на Европа од Вашингтон за одбрана и безбедност. Неговото движење MAGA (Make America Great Again) наоѓа поддршка меѓу крајно десничарските, популистичките и евроскептичните партии низ цела Европа. „САД многу јасно ставија до знаење дека сакаат да ја поделат Европа и мислам дека е навистина важно сите да го разберат тоа. Тие не ја сакаат Европската Унија“, изјави Каја Калас, за The Financial Times, додавајќи дека пристапот на Вашингтон ги одразува тактиките на „нашите противници“.
„Имаме многу сложен однос“, призна таа. „Погледнете ја Националната безбедносна стратегија и Националната одбранбена стратегија - сè ќе стане кристално јасно.“Белата куќа тврдеше дека европските влади ја цензурираат и потиснуваат слободата на говорот, го попречуваат мирот во Украина и водат миграциски политики што се закануваат со „цивилизациско исчезнување“. Трамп, исто така, го поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан, најпро-кремљовски настроениот од лидерите на ЕУ и убеден евроскептик, во тесната трка за реизбор следниот месец. Потпретседателот Џеј ди Венс, исто така, ги поддржа кандидатите на крајната десница на други европски избори, особено Алтернативата за Германија (AfD) минатата година.
ЈАЈЦА ВО ЕДНА КОШНИЧКА
Калас рече дека 27-те земји-членки на ЕУ не се согласуваат околу тоа како да се справат со САД. „Нашиот одговор не треба да биде: „Добро, ајде да го решиме ова билатерално со Трамп“, туку: „Ајде да се справиме со него заедно“. „Не им се допаѓа кога сме заедно, бидејќи кога сме заедно, нашата сила е споредлива“, рече таа.Поранешната естонска премиерка призна дека ставот на Трамп им оди во прилог на Франција и другите земји кои се залагаат за европска „автономија“ и помала зависност од САД, особено во одбраната. Сепак, таа предупреди дека брзоплетите акции би можеле да бидат контрапродуктивни.На краток рок, рече таа, „постои шанса“ и да се смири Трамп и да се намали зависноста од САД. „Мораме да купуваме од Америка затоа што немаме средства, можности или вештини за тоа“, рече таа. „Во исто време, мора да инвестираме во сопствената воена индустрија... Затоа не треба да ги ставаме сите јајца во една кошничка“.
Ставале или не ставале јајца во една кошничка, во Унијата треба да се загрижат од испилувањето од јајцата од нејзината кошничка, па некое од пилињата да одлета од неа. Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека ризикот од напуштање на неговата земја на ЕУ станува реална закана. Според него, претседателот Карол Навроцки и десничарските опозициски партии би можеле да ја турнат земјата кон такво сценарио. Во објава на X, Туск го нарече евентуалниот „Полекзит“ „катастрофа“ и вети дека ќе „стори сè“ за да го спречи тоа. Полскиот премиер, исто така, изјави дека силите што ја туркаат земјата кон таков курс истовремено се стремат да ја ослабнат Европската Унија. Меѓу нив, тој ги наведе Русија, американското движење MAGA и европските десничарски политичари предводени од Виктор Орбан. Истите оние кои ги споменува и Каја Калас. Само што Туск е внимателен, па не го споменува Трамп отворено. Причината за неговата изјава беше одлуката на Навроцки да стави вето на закон со кој на Полска ќе ѝ се овозможи пристап до 44 милијарди евра повластени заеми од ЕУ за одбрана. Поранешниот министер за европски прашања Конрад Шимански, исто така, предупреди дека националистичката десница на Полска се движи по „патот кон Полекзит“, споредувајќи ја сегашната ситуација со политичката динамика што му претходеше на излегувањето на Велика Британија од ЕУ во 2016 година.
Директни повици за излегување од Унијата доаѓаат од Франција. Политичарот Флоријан Филипо, некогашен соборец на Марин л Пен, а сега претседател на партијата „Патриоти“, во текст во Le Journal du Dimanche најави дека: „Фрекзит“ ќе биде во центарот на претседателската кампања. Според него Франција го губи нејзиниот национален суверенитет. Три настани (повеќегодишната програма за енергетско планирање, четвртата годишнина од избувнувањето на конфликтот во Украина и бранот на незадоволство кај земјоделците, кој се разгоре со посебна сила, особено по усвојувањето на договорот ЕУ-Меркосур) ја одразуваат таа реалност. Франција го изгуби правото да донесува независни одлуки. Брисел се меша насекаде - од најмалите одлуки донесени на домашен план до најстратешките. Оваа беспомошност не е случајна; таа е структурна. Европските договори водат до губење на суверенитетот, присилно отворање на пазарите, приматот на слободната трговија и конкуренцијата и потчинување на компромиси во кои француските интереси имаат помала тежина од оние на Германија или идеологијата на Брисел под влијание на американските консултантски и лобистички фирми. Оттука, пишува Филипо, „сè додека сме затвореници на Европската Унија, повеќе немаме средства да ги браниме нашите витални интереси! Затоа прашањето за „Фрекзит“ повеќе не може да се одложува. Тоа сигурно ќе биде во центарот на дискусиите во претстојната претседателска кампања. Не како слоган, туку како предуслов за спроведување на која било ефикасна политика“.
КОГА ПРЕСЕДАНОТ СТАНУВА ПРАВИЛО
Развојот на настаните на Блискиот Исток ќе покаже каква ќе биде иднината на ЕУ, но и на НАТО. „НАТО го очекува многу лоша иднина, ако земјите членки на Алијансата не им помогнат на САД да го деблокираат Ормускиот теснец“, изјави синоќа американскиот претседател Трамп. Според него САД се консултираат со околу седум земји за можно учество во патролирање низ теснецот. Инаку „Вол стрит џорнал“ извести синоќа, дека неделава Американците имаат намера да објават формирање коалиција која ќе ги прати бродовите низ Ормускиот теснец. Ќе биде интересно која од членките на Алијансата ќе се приклучи кон Американците, „за да не биде лошо за иднината на НАТО“. Еве шанса ЕУ, чии членки се и членки на НАТО да го покаже единството и да одговори со цврстина дека ќе го почитува меѓународното право и нема да се приклучи кон САД и Израел. „Да се справат заедно со Трамп“, како што бара Каја Калас. Ако се суди според германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, тогаш Германија може да тргне прва кон Ормускиот теснец. Вадефул вели дека нападот на САД и Израел врз Иран е отстапување од нормите на меѓународното право, но смета дека таквите дејства се оправдани. Демек, нападот врз Иран може да се смета за оправдан, бидејќи, според него, станува збор за „неправден режим“. А да го прашаат колку праведен е режимот во Германија?
Сето ова не враќа на преседанот од нападот врз СР Југославија без согласност на ОН, за кој се тврдеше дека е од хуманитарни причини и дека е исклучок, а не правило. Потоа Русија повикувајќи се на тој „исклучок“ влезе во Украина, пак без одобрување од ОН, па Трамп ги киднапираше претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, се заканува да го направи исто тоа и на Куба. Да не го спомнуваме Гренланд, заканите кон Канада и Мексико. Еве сега со Израел го нападнаа Иран...Се додека има вакви политичари, како Вадефул, работите нема да се променат ни јота. Ама не е виновен Вадефул. Тој е само едно дете во купот деца на Доналд Трамп. Не случајно Руте го нарече „татичко“. Затоа напразни се повиците на Калас. Таа треба прво да си седне да поработи во Брисел. Да види што и се случува внатре во Унијата. Од кога и е почнат мандатот се занимава само со Русија. А единството не се гради само врз Русија. Дали го слуша ехото на „Полекзит“ и Фрекзит“?
Мирче Адамчевски
*Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор