ВО ЕК НА ПОЛИТИЧКА КРИЗА: Кои министри од Владата на Груевски досега поднесоа оставки?
Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Иво Ивановски, и денеска Зоран Ставрески се министерите на ВМРО-ДПМНЕ кои се повлекоа од министерските позиции во екот на политичката криза во земјава.
Јанкуловска, Мијалков и Jанакиески вечерта на 12 мај 2015 поднесоа оставка. Истите беа прифатени од страна на екс премиерот Никола Груевски.
Наследник на Јанкуловска е Митко Чавков, кој на министерското столче седна од директор на Бирото за јавна безбедност, а на местото на Јанакиески, дојде Владо Мисајловски.
На местото на директорот на УБК дојде Љупчо Андоновски.
Јанакиески во оставката пишуваше: Придонес во стабилизирање на политичката состојба во Република Македонија
„Сметам дека оваа моја оставка ќе придонесе во стабилизирање на политичката состојба во Република Македонија“, наведува Миле Јанакиески во оставката, додавајќи дека оставката ја поднесува и заради евроатлантскиот пат на земјава, но и за да не влијае на било каква постапката во врска со, како што посочува, лепените и креираните разговори.
Јанкулоска: Ценам дека е време да се повлечам со цел надминување на политичката криза
„Во изминативе години не штедејќи време и енергија работев професионално и посветено секогаш раководејќи се од интересите на граѓаните и пред се раководејќи се од интересите на Македонија. Во овие тешки мигови кога Македонија е во длабока политичка криза, ценам дека е време да се повлечам, верувајќи дека моето повлекување ќе придонесе во нејзино надминување“, вели Гордана Јанкулоска.
Мијалков: Со оставката ќе помогнам во надминување на политичката криза
„Сакам да ја истакнам мојата огромна благодарност за довербата и што ми овозможивте да бидам дел од тимот, кој носи напредок за нашата држава и кој ги брани националните и државни интереси. Вие ја имате мојата полна поддршка. Во интерес на Македонија, гледајќи дека доколку го направам ова ќе помогнам во надминување на политичката криза, која ја наметна опозицијата со своето недржавничко однесување, а свесен дека вистината и аргументите се на наша страна и дека сето тоа со тек на време ќе станува уште појасно, сакам да информирам дека поднесувам оставка на позицијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Со пиетет им благодарам на сите припадници на безбедносните сили на Република Македонија, со кои работев сиот овој изминат период и до сите други институции за целиот нивен ангажман, посветеност, храброст и сила. Тие се нашата главна поткрепа, тие се нашата гордост и Македонија може да смета на нив“, стои во оставката на Сашо Мијалков .
Од Владата на Никола Груевски во август лани си замина и министерот за информатичко опшество и администрација, Иво Ивановски.
Причина за неговото заминување беше заминување во Бугарија, каде ќе биде директор на меѓународна приватна компанија.
Иво Ивановски беше министер за информатичко опшество (на кое подоцна беше додадена и администрација) од 2008 година, кога и прв пат се отвори овој ресор. Него го замени сегашната министерка Марта Арсовска Томовска.
Во април годинава од министерската фотелја се повлече и министерот за образование Абдулаќим Адеми oд ДУИ коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
Зоран Ставрески денеска поднесе оставка и им се придружи на министрите кои се повлекоа од Владата на Груевски.
Здравствени причини се образложение за оставката на потпретседателот на Владата на РМ кој на функцијата министер за финансии дојде во 2009 година.
– Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и опоравување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија”, истакнува Зоран Ставрески, во оставката.
