Економија, финансии, бизнис

Контакт

РАЗЛИКА ВО ЦЕНИ: Во една скопска населба стар стан бил поскап од нов за 413 евра по квадрат

РАЗЛИКА ВО ЦЕНИ: Во една скопска населба стар стан бил поскап од нов за 413 евра по квадрат

Стар стан поскап од нов. На пазар на кој новоградбата обично ја диктира цената, податоците од Катастарот за 2025 година покажуваат поинаква слика во дел од Скопје: купувачите плаќале повеќе за стара градба на добра адреса отколку за стан од нова градба.

Најсилниот пример доаѓа од Алумина, една од побараните зони во општина Карпош. Според Годишниот извештај на Катастарот, просечната цена на становите стара градба во оваа зона изнесувала 1.675 евра за квадратен метар, додека становите нова градба биле на просечно ниво од 1.262 евра за квадрат. Разликата е 413 евра по квадрат, што кај стан од 60 квадратни метри значи речиси 24.800 евра повисока цена во корист на староградбата.

Истата насока се гледа и на пошироко ниво. Во цела општина Карпош, просечната цена на продадените станови стара градба во 2025 година изнесувала 1.558 евра за квадратен метар, додека становите продадени од инвеститор биле на просечно ниво од 1.311 евра за квадрат. Разликата таму е 247 евра по квадрат во корист на старите станови.

Ова ја менува вообичаената логика на пазарот. Купувачите очигледно плаќаат премија за адреса, пристап, инфраструктура и веќе оформен градски живот. Во зони како Алумина, цената не ја носи само квадратурата, туку и маалото околу неа: училишта, градинки, продавници, јавен превоз, близина до центарот и чувство дека вредноста на станот ќе се задржи.

Сличен тренд има и во други скопски општини. Во Аеродром, старите станови се продавале по просечни 1.419 евра за квадрат, а становите од инвеститор по 1.309 евра. Во Ѓорче Петров, староградбата достигнала 1.170 евра, а становите од инвеститор 1.061 евро за квадрат. Во Кисела Вода, старата градба била на просечни 1.334 евра, а становите од инвеститор 1.268 евра. Во Центар, разликата е мала, но повторно оди во корист на староградбата: 1.692 евра наспроти 1.681 евро за квадрат.

Податоците покажуваат дека во дел од Скопје цената сè помалку ја одредува само годината на градба. Кога просторот е ограничен, а побарувачката останува висока, старата градба на добра адреса станува поскапа од нов стан во истата општина.


Филип Костов

Слично

Поврзани вести