ВО ЕДЕН ДЕН: Комерцијална банка со рекордна годишна добивка и предлог за делење рекордна дивиденда
Комерцијална банка е првата голема деловна домашна банка која го објави билансот на успех за минатата година, а таму пишува дека е остварена рекордна добивка од 5,077 милијарди денари, односно 83 милиони евра.
Резултатoт во однос на минатата година е подобар за околу 2,5 милиони евра. Нето приходите од камати се речиси милијарда евра Во овој сегмент, резултатот е подобар за само милион евра во однос на тој од 2024. Активата на банката за една година била згоемена за околу 230 милиони евра.
На oснова на овој резултат, до Македонска берза од Комерцијална банка стигна известување дека Управниот одбор предлага рекордна распределба на дивиденда од 50 милиони евра.
„Врз основа на финансискиот резултат утврден за 2025 година и Програмата на мерки и активности на деловната политика и финансискиот план на Комерцијална банка АД Скопје за 2026 година, усвоена на 29.01.2026 година од страна на Надзорниот одбор на Банката, Управниот одбор на Банката планира до Надзорниот одбор на Банката, а соодветно и до Собранието на акционери, да достави Предлог Одлука за распоредување на добивката со која ќе се исплати бруто-дивиденда во вкупен износ од 3.076.740 илјади денари, како и Предлог Одлука за определување на износот на дивиденда за 2025 година со која за 1 (една) обична акција ќе се предложи бруто-износ од 1.350,00 денари. Предложениот бруто износ од 1.350,00 денари за 2025 година е за 8,0 % повисок во однос на дивидендата за 2024 година“, гласи информацијата на банката.
Како споредба, акционерите на Комерцијална банка лани на годишното собрание донесоа одлука за исплата на дивиденда во износ од 1.250 денари по обична акција, што претставува 125 тссто од номиналната вредност на една акција.
Акциите на Комерцијална банка се најверојатно највредните и најбараните хартии од вредност кај друштвата што котираат на Македонска берза. Најголемата и најуспешна домашна банка речиси две децении исплатува стабилни дивиденди, со исклучок на 2013 и 2014 година. Акциите се најатрактивни за инвеститорите, со што тие се и најтргуваните хартии од вредност на официјалниот берзански пазар.А.К.
