Во ДИК се пријавиле 8.922 спорни гласачи – втора шанса ќе има
До 19 месецов во Државната изборна комисија пристигнале 8.922 пријави од спорни гласчаи, од кои 8.901 пријава се прифатени.
Државната изборна комисија денеска го разгледа и едногласно гo усвои Извештајот за пријавените гласачи со спорни записи.
Вкупно 3.620 пријави биле лично доставени во просториите на ДИК, а 5.302 се поднесени електронски. Правната служба на ДИК одбила 21 пријава. Од нив една пријава е одбиена поради нечитлив документ, девет поради несовпаѓање на документ, девет поради неважечки личен документ и две поради некомплетен личен документ.
Извештајот покажува дека пријава не поднеле 30.467 избирачи. Три или повеќе члена на ДИК во рок од 10 дена по истекот за пријавување можат да побараат дополнителна проверка за кое било од лицата.
Со Законот за дополнување на Изборниот законик ДИК беше задолжена да спроведе процес на активна регистрација на 39.502 лица за кои при спроведените административни и теренски проверки се утврдени спорни записи.
ДИК по извршени дополнителни проверки преку споредба на списокот од 39.502 лица и Избирачкиот список иззема 113 лица за кои е утврдено дека шест се починати, 51 лице е на привремена работа или престој во странство, 54 го изгубиле избирачкото право по различни основи и две лица поднеле барање за промена на податоци во избирачкиот список.
Граѓаните кои не се пријавиле во законскиот рок од 25 дена согласно законот ќе имаат дополнителна можност да се пријават до ДИК во тек на јавниот увид пред предвремените избори за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија.
Можност за пријавување имаа вкупно 39.389 спорни гласачи.
