Во Црна Гора e продолжен работниот век - еве кој мора да работи подолго
Парламентот на Црна Гора усвои измени на Законот за работни односи, со кои се зголемува старосната граница за престанок на работен однос по сила на закон од 66 на 67 години, со најмалку 15 години работен стаж.
Промените, сепак, не ја менуваат возраста за пензионирање, која е дефинирана со Законот за пензиско и инвалидско осигурување и е 65 години со минимум 15 години стаж, објавува „Подгорица Вијести“.
Новата одредба им овозможува на вработените да работат до 67 години, доколку сакаат, додека можат да се пензионираат и порано доколку ги исполнуваат условите.
Сојузот на слободни синдикати на Црна Гора објави дека го поздравува враќањето на старосната граница, наведувајќи дека претходната промена од 2021 година им предизвикала штета на илјадници работници, објавува „Танјуг“.
Синдикатот претходно истакна дека намалувањето на границата предизвикало проблеми кај вработените, особено кај оние со кредити кои имале тешкотии при отплатата поради преминот од заработка кон пониска пензија, како и кај оние на кои им недостасувала една година стаж за поповолна пресметка на пензијата.
Според новите измени, можно е продолжување на работниот однос и по 67 години, доколку вработениот не наполнил 15 години стаж, сè додека не се исполни тој услов.
Вработените во јавната администрација можеа да работат до 67 години во претходниот период, според посебен закон, додека ограничувањето од 66 години во пракса се применуваше главно за приватниот сектор.
