Во бугарски Пазарџик се забранува носење на бурка
Во градот Пазарџик во Бугарија целосно се забранува носење на бурка.
Носењето бурка ќе се казнува со 300 лева или околу 150 евра за првиот прекршок и по 1 000 лева односно околу 500 евра за следните прекршоци. Забрането е носење на овој вид облека во паркови, градини, школи, јавен и приватен транспорт.
Измените во овој град ја поттикнаа дискусијата за национална забрана на бурката во Бугарија, земја која има значително муслиманско малцинство. За одлуката гласале 39 од вкупно 41 советник во градското собрание на Пазарџик. Во последно време бурките станале редовна глетка на улиците на градот, во кој живеат припадници на салафистичко верување во исламот.
Населбата Исток во Пазарџик, каде живеат Роми, стана најголемото упориште на радикалниот ислам во Бугарија во последните години. Во јуни лани 14 луѓе, вклучувајќи го и контроверзниот имам, Ахмет Муса се уапсени и судени за предизвикување верска омраза и за пропаганда поврзана со Исламската држава.
Во Парламентот на Бугарија наскоро ќе се гласа и за национална забрана за носењето бурка. Ова го предложи националистичката коалиција Патриотски фронт.
