Во Бугарија денес протест со затворени ресторани
Во Софија и во другите бугарски градови денеска ќе се одржат протести на вработените во угостителството, со барање да остане на сила стапката на ДДВ од девет проценти за туристичкиот сектор.
Незадоволството ќе биде изразено од 15 до 19 часот под слоганот „Политичари, не го убивајте бугарскиот туризам, не ни ги гаснете светлата засекогаш“, со тоа што околу ова време ќе бидат затворени и рестораните во знак на протест.
Претходно, на средбата меѓу претставници на угостителскиот сектор од една страна и на владејачкото мнозинство од друга страна не беше постигнат договор за владиниот предлог за зголемување на стапката на ДДВ во областа на туризмот на 20 отсто.
Угостителскиот и туристичкиот сектор останува на ставот дека враќањето на стапката на ДДВ на 20 отсто ќе доведе до стечај, престанок на дејноста, намален промет и отпуштања, што веќе е и започнато.
