Во април зголемени трошоците за живот
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во април 2016 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.1, а индексот на цените на мало 100.5.
Порастот на индексот на трошоците на животот од 0.1% во април 2016 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките индекси на свежото и разладеното овошје за 4.8%, сушениот зеленчук, друг конзервиран и преработен зеленчук за 1.4%, алкохолните пијалаци за 0.4%, изнутриците, свежата и разладена риба за 0.3% и замрзнатиот зеленчук, освен компирот, за 0.2%. Во април, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива и мазива за домаќинствата за 5.5%, патниот сообраќај за 4.9%, течните горива за домаќинствата за 4.4%, туристичките аранжмани и социјалната заштита за 3.7%, услугите за одржување и поправка на станот за 3.5%, обувките за 3.1%, велосипедите за 2.4%, авионскиот превоз на патници за 1.8%, другите услуги за опрема за сопствен превоз за 1.5%, алатите и опремата за куќи и градини за 1.2%, гасот за домаќинствата за 0.9%, цврстите горива за домаќинствата за 0.4%, накитот и часовниците за 0.3% и текстилот за домаќинствата за 0.2%. Намалување на индексот на трошоците на животот во април 2016 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладен зеленчук, освен компирот, за 6.3%, маслото и маснотиите за 2.4%, другите прехранбени производи за 1.4%, оризот за 1.3%, месото за 0.5%, брашното и другите житарици, сушеното, соленото и чаденото месо и другите преработки од месо за 0.4%, млекото, сирењата и јајцата за 0.3% и лебот, другите пекарски производи, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.2%.
