Во 5 до 12 почнува маршот против сиромаштија
Симболично, во 5 до 12 граѓанската иницијатива „8 Септември“ и Македонската платформа за борба против сиромаштија го започнуваат протестот со кој ќе побараат од Владата да ги прекине непродуктивните трошења, а парите да ги пренасочи кон помош на најсиромашните граѓани.
Од иницијативата најавија дека ќе бараат Владата да ги плати сметките за струја на најсиромашните граѓани, а општините да им ги платат сметките за вода и комуналии. Маршот тргнува од пред Собранието на Република Македонија.
За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, овие протести се сценарио за вовед во дестабилизација и немири. Од партијата сметаат дека организатор на протестите е опозицискиот СДСМ.
„Претседател на оваа т.н. граѓанска организација е Мила Царовска, претседател на Советот за социјална политика на СДСМ. Низ медиумите веќе почнаа да кружат информации дека учесниците на протестите ќе бидат донесени во Скопје главно од општините во кои СДСМ е на власт“, вели Сашо Лазаревски од ВМРО -ДПМНЕ.
Иницијаторите на протестот ги отфрлаат обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ и категорично велат дека не се работи за политички, туку за социјални протести.
„Поводот е тоа што Република Македонија е секој ден, секој месец и секоја година се посиромашна земја. Ние активистите сме навистина загрижени од трендот со кој расте сиромаштијата во земјава и од нефункционалниот систем на социјална заштита. Ќе побараме од Владата итно да ги прекине непродуктивните трошоци и да ги пренамени за решавање на проблемите на најсиромашните“, вели Џелал Хоџиќ од „8 Септември“
Слично
