Економија, финансии, бизнис

Контакт

Во 2019 ќе се потрошат 12 милиони евра за машини прогласени за амортизирани

Во 2019 ќе се потрошат 12 милиони евра за машини прогласени за амортизирани

„Македонија пат“ во 2019-та нема да купи ниту една нова машина, односно и онака амортизираната состојба во просек ќе биде постара за една година, а истовремено ќе се потрошат уште поголеми суми за нивно одржување, кое ако се сумираат сите предвидени трошоци за нивно функционирање би изнесувале околу 12,5 милиони евра.

За основното одржување се предвидени повеќе од 7 милиони евра, односно 430 милиони денари во финансискиот план што го објави јавното претпријатие, кое оваа година својата работа ќе ја остварува со 1,2 милијарди денари доделени главно од „Државни патишта“. И во 2018-та биле потрошени многу пари за механизацијата предвидена за грижа за патната инфраструктура, но биле потрошени 380 милиони, а планирани 410.

„При планирањето на расходите акцентот се става и на скоро целосно амортизираната опрема од 99 отсто за чие одржување во исправна состојба и спремност за тековните обврски потребни се повисоки средства за услуги за механизација (поправки и резервни делови)“, се вели во објавениот извештај.

Машините планирано е да потрошат повеќе пари за енергија во вкупна вредност од 100.000 милиони, а одобрени се и повеќе средства, 70 милиони денари, за потрошни делови, ситен инвентар и автогуми за да можат да работат.

Услугите од трети лица за да и дадат поддршка на амортизираната зимската служба за да функционира како што треба ќе поскапи и ќе чини 95 милиони денари. Лани оваа услуга чинела 70 милиони денари, иако за истата биле планирани 83 милиони.

Дури и во производствените и комунални услуги од 65 милиони денари спаѓаат и услуги за одржување на машините. Покрај тоа, пропишаната стапка на амортизација ќе чини уште повеќе и ќе изнесува 26 милиони.

Покрај „Македонија пат“ за функционирање на автопатите и магистралите се грижат и приватни оператори кои „Државни патишта“ ги ангажира преку договори за јавни набавки, додека за локалните патишта се грижат општините.

А.К.

 

Слично

Поврзани вести