ВНИМАВАЈТЕ: Стапија на сила новите казни за сообраќајни прекршоци!
Новиот Закон за безбедност во сообраќајот на патиштата, кој стапи на сила, се воведуваат нови повисоки казни за повеќе сообраќајни прекршоци. Казната доколку не сте врзале заштитен појас, зборувате на мобилен телефон или заборавите да ги вклучите светлата изнесува 6.000 денари.
За непрописно паркирање глобата е 45 евра, но цели 250 евра ако возилото е паркирано во близина на пешачки премин или крстосница. За непропуштање на пешак на пешачки премин казната изнесува исто така 250 евра.
Во населено место доколку се надмине брзината од 50 километри на час казната за физичките лица достигнува до 500 евра во денарска против вредност или 65 негативни поени и заштитна мерка забрана за управување со возило од 6 до 12 месеци. До 10 километри на час над дозволената брзина казната е 20 евра, од 10 до 30 километри 45 евра или 25 негативни бода, од 30 до 50 километри на час поголема брзина од дозволената во населено место казната е 300 евра или 50 негативни бодови и заштитна мерка забрана за управување со возило од 3 до 12 месеци.
Надвор од населено место за надминување на дозволената брзина до 30 километри на час глобата е 10 евра или 10 негативни бода на возачката книшка, од 30 до 50 глоба од 45 евра во денарска против вредност или 25 негативни бодови, од 50 до 70 километри на час над дозволеното глобата е 300 евра или 50 бода и заштитна мерка забрана за управување со возило од 3 до 12 месеци и 70 километри на час над дозволеното казната е 500 евра или 65 негативни бодови и заштитна мерка забрана за управување со возило од 6 до 12 месеци.
За возење на дете помало од 12 години на предно седиште, казната е 45 евра, предвидуваат законските измени.
Покрај прекршочниот платен налог, се воведува мандатен платен налог за околу 84 прекршоци за безбедноста на сообраќајот. Тоа значи дека доколку во предвидениот рок не се плати определената глоба или до 30-oт ден не се запишат негативните поени во возачката книшка, тогаш налогот веднаш оди на извршување во Управата за јавни приходи, појаснуваат од МВР.
Слично
