Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВНИМАВАЈТЕ НА АЈВАРОТ: Гладни крадци крадат зимница од подруми!

ВНИМАВАЈТЕ НА АЈВАРОТ: Гладни крадци крадат зимница од подруми!
Гладни крадци се настрвиле на зимницата на скопјани. На мета се подрумите. Скопјани се жалат дека секоја година се почесто се краде зимница, ајвар, лутеница. Да не си ја мачат душата, да го наполнат стомакот без мака, или поради навика, крадците роварат низ скопските населби. Жителка на скопска Кисела вода, во околината на познатото “старо шампионче”, за Фактор вели дека нивната зграда е стара триесетина години. Подрумите се темни, вратите се стари, и лесно се отвараат, а бидејќи се ниско- катници и без домофон, во нив може незабележано да влезе и случаен и намерен минувач. Во подрумите не помагаат ниту старите катанци. Комшиите, според неа, се повозрасни луѓе кои си практикуваат традиционално подготвување на зимницата, но често се случува да исчезне по некоја тегла ајвар. Ги алармирале и надлежните. Дека навистина се забележува зголемен број на кражби и провали во подрумските простории, потврдуваат и од Министерството за внатрешни работи. Лиза Бендевска –портпарол во СВР –Скопје, вели дека неможат строго кражбите да ги поделат на оние кои директно се однесуваат на зимницата, бидејќи честопати од подрумите се крадат и други работи, како алкохолни пијалоци, алат, велосипеди ислично. Но сепак имало и пријави од граѓани кои се однесуваат и на вакви кражби. Според статистиката, последните податоци говорат дека за осум месеци, од јануари до август годинава, се регистрирани 302 дела –тешки кражби во подруми. Од нив 95 се расветлени, и се пронајдени извршителите, против кои се поднесени соодветни кривични пријави. Во овие кражби биле вклучени 93 сторители, меѓу кои и 10 малолетници. Во истиот период лани, тешки кражби во подруми биле извршени во 212 случаи од кои 55 добиле разрешница. Екипите на МВР, според Бендевска , интензивно работат на спречување и намалување на криминалот од овој вид, кој како што вели во овој период од годината е зачестен. Негативно искуство со кражба на зимница, паметат и дел од станарите во скопската населба Ново Лисиче.Стравот и стресот се сеуште свежи кај жителите на “Видое Смилевски-Бато” 26-30.Скопјанката В.Ц, раскажува дека вистински шок за неа било кога минатата година нејзиниот сопруг кој отишол по зимница до подрумот, се вратил со празни раце. Неможела да се помири со фактот дека покрај финансиската, цела мака и труд по вкусниот ајвар заминале во заборав. “Јас сум љубител на традиционалната храна, ја правам со посебно внимание и љубов зимницата. Децата ја сакаат, и наместо да купувам, сакам сама да ја приготвам. Но, за жал, лани имавме непријатно искуство и цели 20 тегли со ајвар и една канта со мавровско сирење ни беше украдена од подрумот. Ако видите по пазарите дека една тегла ајвар стигнува и до 300 денари, а сирењето се движи од 250 до 300 денари, пресметајте колку сме биле оштетени. Да не зборувам за нервозата и изгубеното време.Кај соседите беше украдено вино и зимница. Страшно и жално. Сеуште не јаде нервозата”-додава за Фактор В.Ц-жителка на Ново Лисиче. Иако надлежните реагирале и ги фатиле дел од сторителите, некои од станарите во колективните згради во Ново Лисиче, вклучувајќи ја и оваа, која минатата година била цел на крадците, самоиницијативно превзеле превентивни мерки. Па така, сега во дел од зградите има камери, двојни врати, сменети брави-вистински бункери во кои, на смеа велат граѓаните, тешко можат да влезат и самите, а веруваат, уште потешко ќе стигнат арамиите. С.Б.
Слично

Поврзани вести