Внимавајте, полицијата ќе користи мобилни камери
Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков и амбасадорот на САД, Џес Бејли денеска го помовираа новиот мобилен систем за снимање со камери што ќе ги носат сообраќајните полицајци.
Се работи за заеднични пилот проект на ИЦИТАП – Одделот за правда на САД во Македонија и на Министерството за внатрешни работи.
Целта е да се обезбеди законитост, да се отстранат пропусти, да има контрола на работењето на полициските службеници, спречување на злоупотреби, корупција и утврдување на основаноста на поплаките од граѓаните.
„Довербата на јавноста во полицијата како јавен сервис на граѓаните несомнено зависи од перцепцијата, односно во која мерка полициските службеници со своето постапување ги почитуваат човековите права и слободи и подеднакво ги штитат нивните интереси. Уверен сум дека ваквиот партнерски однос во кој полицијата применува модерен начин на делување преку одговорност и транспарентност во вршењето на полициските работи заедно со граѓаните, ќе придонесе за комплетна поддршка и доверба од јавноста“ – рече Чавков.
Донацијата чини 65.000 американски долари, а веќе е започната и обуката на полицајците, која треба да заврши до крајот на месецов.
