ВНИМАТЕЛНО, СЕ СНИМА: Расте револтот кај автошколите!
Иако поминаа околу десетина дена откако стапија на сила новите одредби од Законот за безбедност во сообраќајот со кои авто школите се должни да ја снимаат и архивираат обуката, не стивнуваат реакциите кај голем дел од авто школите. Велат ваквите одлуки се косат со уставното право на приватност на кандидатот, создаваат компликации при набавување на техничка опрема и документирање на материјалот и дополнително наместо зголемена безбедност во сообрајќајот ефектите може да бидат спротивни.
Инструкторот Рајко Домазетоски за Фактор вели дека со новите законски одредби е направен преседан со кој на кандидатот за возач и возачот-инструктор му се задира во приватноста со надеж дека истото ќе доведе до повисок квалитет на процесот. Воведувањето на вакви еднострани и рестриктивни мерки без притоа да се направи една сеопфатна анализа во која би се вклучиле сите засегнати субјекти и стручни лица, според него може да ја стави во прашање безбедноста во сообрајќајот.
“Со оглед на фактот дека најголемиот дел на кандидати за возачи за првпат седнуваат зад возачкото седиште и често погледот посебно во почетните часови на практична настава го насочуваат спрема командите, менувачот и другите уреди во возилото , ова ќе им биде уште една прилика да гледаат и во камерата и таа да им одзема внимание и концентрација пред се на штета по надворешната околина и останатите учесници во сообраќајот, а секако и на квалитетот на обуката. На почетокот на обуката на кандидатот се' му смета и му го одвлекува вниманието па дури и вклучено радио во возилото, има трема од возилото, има трема на почетокот додека не се воспостави контакт и од инструкторот и уште да му ставите камера – може да се претпостави како ќе се чуствува и каков ќе биде квалитетот и нивото на обука”-вели Домазетоски.
Сообрајќајот како што вели инструкторот е чувствителна и комплексна област без која не може да се замисли нашето секојдневие , каде што и најмала грешка може да доведе до предизвикување на кобни последици по животот и здравјето на луѓето, како и на материјалните добра. Оттука според него од суштинско значење е квалитетната едукација, подготовка и оспособување на младите генерации – кандидати за возачи кои ќе можат самостојно да се вклучат и да учествуваат во процесот на сообраќај но и безбедно да управуваат со моторното возило.
“Морам да напоменам , дека уште на почетокот со воведувањето на камерите автошколите ќе се сретнат со неколку проблеми меѓу кои кандидатот не дава согласност да биде сниман, обуката му се пролонгира неколку месеци, има во пракса такви кандидати кои што заради други неодложни обврски вршат прекин на обуката па ја продолжуваат дури и после година дена, префрлањето на податоците од мемориските картички на компјутер се одвива премногу бавно. Од лични причини кандидатот самиот може да побара да го заврши часот предвреме, или доколку инструкторот оцени дека е потребно да се продолжи наставниот час за да се заокружи одредена методска единица. Понекогаш во сообраќајот се случуваат неочекувани моменти како на пр, нагло кочење од страна на кандидатот или инструкторот, или други ситуации па бидејќи камерата е залепена со ветробранското стакло со флексибилна врска може да дојде до паѓање на истата , при што е оневозможена соодветна реакција на инструкторот, камерата го намалува видното поле и на кандидатот и на инструкторот , со што го оневозможува нивното нормално движење и учество во сообраќајот ”-додава инструкторот.
Контрола на работата на авто-школите и возачите – инструктори заради поквалитетна обука и оспособување на кандидатите за возачи како што вели може да се спроведе преку регионалните испитни центри како надворешни тела, независни од авто-школите, каде што се врши полагањето на возачките испити. Со нивното формирање процесот на обука, оспособувањето и процесот на полагање се дисперзирани.
“Со одредбите на законот од 2007 година според кои што се формираа Регионалните испитни центри, посебно заради начинот на нивно финансирање всушност законодавецот како да формира профитни центри без да се допре суштината на проблемот, и да се понуди форма на спроведување на возачкиот испит која што ќе понуди решение и на најдиректен начин ќе ги поттикне односно принуди автошколите да го подигнат квалитетот на обука повисок степен што дефинитивно ќе резултира со побезбеден сообраќај. И бидејќи ваквите мерки ни оддалеку не се решение на проблемот, законодавецот како решение донесе одредби во законот за воведување на аудио-видео надзор над работата на автошколите, во сите фази на обука и оспособување на кандидатите за возачи”-објаснува Домазетоски.
Изнесените законски одредби според него се крајно неосмислени, избрзани, дискриминирачки посебно за кандидатите за возачи и возачите инструктори, нарушувајќи го нивниот личен интегритет и задираат во нивната приватност со можност за понатамошни бројни злоупотреби. Тие вели во никој случај нема да придонесат до воспоставување на повисок квалитет на процесот на оспособување, а дополнително како што вели се контрадикторни со веќе донесени законски одредби и решенија со што ги прави неодржливи од уставно-правен аспект.
Ваквите одредби се спротивни на:
1.Закон за следење на комуникации
Со донесувањето на Законот за следење на комуникациите ( Сл. Весник на РМ бр.4/2009 ) е недвосмислено јасно и прецизно регулирана оваа материја при што во член 1 стои Цит: Со овој закон се уредуваат условите и постапката за следење на комуникациите, начинот на постапување , чување и користење на добиените информации и податоци со примена на овој закон и контролата на законитоста на следењето на комуникациите. Во членот 2 од истиот закон стои:Никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите освен ако му се наменети или постои опасност на лицето или лицата кои се вклучени во комуникацијата.
Во член 7 став 1 е објаснет и прецизиран изразот „комуникација„каде стои дека Комуникација е секоја непосредна конверзација и секој пренос на човечки глас, на знаци, сигнали, пишуван текст, слики, звуци, бази на податоци или информации од каква било природа.
2.Закон за заштита на лични податоци
Заштитата на личните податоци претставува основно човеково право . Правото на заштита на личните податоци се дел од корпусот на основните човекови права, за кои се воспоставени и се применуваат соодветни национални и меѓународни стандарди. Согласно член 18 од Уставот на РМ на граѓаните им се гарантира:
Сигурноста и тајноста на личните податоци, заштита од повреда на нивниот личен интегритет, што произлегува од регистрирањето на информации за граѓаните преку обработка на податоците.
Во Законот за заштита на лични податоци ( Сл.весник бр. 07/05 и 103/08) се уредува заштитата на личните податоци како основни човекови права и слободи а особено правото на приватност во врска со обработка на личните податоци, додека поконкретно во член 6 е наведено дека Цит: Обработката на личните податоци може да се врши со претходна добиена согласност на субјектот на лични податоци. (собирање, евидентирање, употреба, откривање и сл.) на било која информација во врска со идентитетот на едно лице (а влегува под изразот „личен податок”) задира во личниот интегритет –правото на приватност на тоа лице, па Законот го заштитува од повреда.
- Устав на Република Македонија
Слично
