ВМРО смета дека е готов, а Заев ги спрема вистинските бомби!
Се што имаме докази ќе објавиме, ништо нема да оставиме, изјави лидерот на СДСМ на вчерашната прес конференција. Заев посочи дека во Македонија, само во период од неколку години, биле прислушувани повеќе од 20.000 граѓани, а зад тоа стоелеНикола Груевски и неколку луѓе околу него.
На прес конферецијата Заев обелодени телефонски разговори од него и неговите најблиски соработници, како што е Радмила Шеќеринска, но имаше и разговор помеѓу Заев и неговата ќерка. Најголемо внимание во јавноста предизвика, разговорот за кој се тврди дека е помеѓу министрите Зоран Ставрески и Гордана Јанкуловска, и во кој тие зборуваат за постапките на своите сопартијци, особено во фокусот на овој разговор е координаторката на новната матична партија, односно Силвана Бонева. Но објави и разговори од лидерите на политичките партии од албанскиот блок, Али Ахмети, Мендух Тачи и Руфи Османи.
„Сé што се криминали, сé што е законско недозволиво, а го има во материјалите, ќе го објавиме. Но, сите разговори нема да ги објавиме од причина што овие луѓе биле мета цел период. Зарем да продолжат да бидат мета на ветрометрина на коментари на сите. Гледате колку е болно кога е снимена мојата ќерка во разговор со нејзиниот татко. Значи, има внатре сé, изјави лидерот на опозицијата Зоран Заев на вчерашната прес конференција, која како што посочи беше прва во редицата прес конференции што деновиве ќе следат, а на кои ќе се објавуваат разговори за владиниите функционери вмешани во незаконски дејствија.
СДСМ тврди дека материјалите што ги поседува докажуваат дека станува збор за масовно и незаконско прислушување од страна на луѓе вработени во безбедносните служби на Република Македонија по директна наредба на Сашо Мијалков и Никола Груевски.
„Поднесуваме кривични пријави против Сашо Мијалков, директор на УБК, Горан Груевски раководител на петта управа и НН вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање. За вработените кои учествувале, но го пријавиле кривичното дело, очекуваме да се употреби член 151 став 5 од Кривичниот Законик, со којшто овие лица се ослободуват од гонење, изјави Заев.
Тој додаде дека во прилог на Кривичната пријава има повеќе од 300 негови телефонски разговори, снимени само за неколку денови. И дека тоа е само мал дел од прислушувањето на неговите телефони, што траело најмалку 4 години во континуитет.
„Според нашите закони, во најекстремни ситуации, посебни истражни мерки можат да се користат 14 месеци со дозвола на јавен обвинител или судија. Само ова ЦД покажува дека сум бил следен и прислушуван не 14 месеци, не 24, туку околу 48 месеци! Можеби и повеќе, изјави Заев.
Опозициjата тврди дека за време на изборите, власта ги злоупотребувала државните служби за да имаат 24 часовни извештаи за секој од главните кандидати и лидери на опозицијата. И дека секој ден добивале резимеа за својот политички противник.Снимен бил секој разговор, сите планови, сета комуникација.А, вакво масовно прислушување можат да спроведат само домашни државни служби.
ВМРО-ДПМНЕ:
Заев денеска започна со реализација на објавувањето на разни материјали за кои и самиот го извести премиерот Груевски дека се прибавени во соработка со странски служби, а за што е започната и постапка против него токму за овој случај, во кој дел од осомничените веќе имаат и признание дека работеле за пари и за странски служби, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со денешната и најавените прес конференции од ваков тип, Заев со несериозен и неодговорен однос, прифаќајќи да биде инструмент и марионета на странски служби, тој очигледно со задоволство продолжува да биде дел од креирано сценарио кое што е во интерес на трета страна, која не и сака добро на Македонија,стои во партиското соопштение.
Според владејачката партија, Заев само продолжува да тоне, и полн со контрадикторности и небулози, сака да направи цела македонска јавност, вклучително и неговите сопартијци, да се држат во заложништво, и јавноста да биде под уцена и да биде дефокусирана од реалните теми и потреби на граѓаните.
„Заев има една очигледна, проѕирна и површна намера да се претстави и себеси како жртва и тоа во ситуација, кога тој не е ништо друго освен марионета, која што работи и делува во функција на туѓи интереси. Сценариото нема да им помине и за се ова институциите во рамки на своите законски и уставни надлежности треба да ги утврдат сите факти и околности, но и мотиви и цели и на инспираторите, и на поддржувачите и на извршителите на ова сценарио, додават од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму, повторно го повикува Зоран Заев ако постојат било какви материјали, за кои се тврди дека упатуваат на евентуално противзаконско постапување на било кое лице, да ги достави до надлежните институции за понатамошно постапување и правна завршница во транспарентна и законска процедура.
Слично
