ВМРО-НП бара помилуваните 10 години да апстинираат од политиката
Аболицираните политичари да немаат право 10 години да се занимаваат со политика, предложи денеска ВМРО-Народна партија.
Од партијата ги повикаа политичките партии да покажат искрена посветеност кон државата и да се согласат нивниот предлог да се изгласа непосредно по конституирањето на новото Собрание.
„ВМРО-Народна партија анализирајќи ги сите параметри што ги карактеризираат општите состојби во нашата држава, констатира дека Р.Македонија е во длабока криза по сите основи ,безбедноста е силно нарушена, економската стабилност е загрозена од внатрешни и надворешни влијанија, владеењето на правото е комлетно суспендирано, меѓупартиските обвинувања се на точка на вриење што лесно можат да ескалираат во граѓанска војна, а меѓуетничките односи се постојана латентна закана. ВМРО-Народна партија најмногу е загрижена од крајно ерозираниот морал и отсуство на минимум етика кај политичарите и партиите, во нивната сурова и безмилосна пресметка против своите неистомисленици“- се вели во партиското соопштение.
ВМРО-НП предлага додавање на уште еден член во тој закон со кој на помилуваните политичари, кои не ја прифаќаат добиената аболиција, да им биде овозможено својата невиност да ја докажат низ редовна судска постапка.
