ВМРО-НП бара една изборна единица за трајна демократизација на општеството
ВМРО-Народна партија во период на намалена активност на партиите во решавањето на политичката криза во Македонија, верува дека се создадени поволни услови за прифатлив договор помеѓу партиите.
Со тоа сметаат дека ќе се донесе најдоброто решение за одржување на фер и демократски избори. Од ВМРО-НП велат дека постојниот Закон за избори е дискриминаторски во однос на малите политички партии, заради што тие се принудени да влезат во коалиција со големите партии и притоа да ги изгубат својот партиски суверенитет и идеологија.
„ВМРО-Народна партија и понатаму е цврсто убедена дека само со измена во Законот за избори каде што Република Македонија, наместо со 6 вештачки утврдени изборни единици, ќе се замени со една Изборна единица, претставува најсигурен пат до вистински плуралистички состав на Парламентот, со што ќе се обезбеди трајна и широка демократизација на општеството. Заради поголема ефикасност на законот да се утврдат членови со кој нема да се предвидува однапред утврден квалификациски праг за влез во Парламентот, како и да биде изрично забрането коалицирање помеѓу партиите пред избори. Ова ќе биде силен поттик за сите помали политички партии за самостојно учество на изборите“ - стои во партиското соопштение.ВМРО-НП е убедена дека наредните избори спроведени според новиот закон што го предлагаат, за Македонија да биде една изборна единица, без праг и без предизборно коалицирање, во целост ќе ги задоволи општите критериуми за фер и демократски избори, во кои јасно ќе биде изразена волјата на гласачите подеднакво на целата територија на државата.
.
