ВМРО-ДПМНЕ : Заев е нехуман – не сака да вработи 11 социјално загрозени лица
Струмичкиот градоначалник Зоран Заев е нехуман бидејќи не сака да вработи 11 социјално загрозени лица кои преку „Македонски шуми“, влегоа во листата на 1.600, обвинува Сашо Трпески од ВМРО ДПМНЕ. Според него, со ваквите изјави Заев вчера јавно им свртел грб на социјално загрозените струмичани кои беа одбрани со мерката за вработување на 1600 лица од социјално маргинални категории.
Каде е хуманата страна на Зоран Заев која се обидува да ја претстави пред граѓаните, за праша Трпески кој додаде и дека Заев во меѓувреме вработувал членови на СДСМ во општината.
„За Зоран Заев воопшто не беше проблем да ги вработи во Општина Струмица снаата од син на пратеничката од СДСМ, Цветанка Иванова, снаата од син на пратеникот Панче Орцев, поранешниот градоначалник на Општина Босилово, Ѓорѓи Манушев, Киров Ацо, пратеник на СДСМ од 2006 до 2008 година, Љупка Цветкова, член на извршен одбор на Општинската Организација на СДСМ во Струмица и многу други членови и високи фунционери од СДСМ“, рече Трпески.
Вчера Заев на прес конференција истакна дека препораката на Владата со која се бара општините да преземат дел од 1600 вработени е кршење на Уставот бидејќи извршната власт не смее да се меша во работата на локалната власт. Тој побара Владата да престане да го потценува народот, но посочи и дека се знае оти лотаријата за „Македонски шуми“ е за згрижување на партиски активисти на владеачката партија.
Денеска Заев беше во Кичево каде ги промовираше новите мерки и ги повика граѓаните заедно да го вратат достоинството.
„Единствениот концепт за излез на нашата земја е концептот на враќање на средната класа. Денеска за жал преку 80 отсто се сиромашни граѓани. Сите во Република Македонија се сиромашни. Заедно можеме да ја добиеме и таа битка, да го нормализираме животот во нашата земја. Да ги вратиме честа и достоинството на животот пред сè на сегашните генерации и идните генерации со нас искрено борејќи се за добра иднина на сегашните и идните генерации“, изјави Заев во Кичево.
Слично
