Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВМРО ДПМНЕ за киријата на Шеќеринска, СДСМ за становите на Латас

ВМРО ДПМНЕ за киријата на Шеќеринска, СДСМ за становите на Латас
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја повика потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска да одговори како е возможно месечно од кирија на стан да добива по 5.317 евра. „Радмила Шекеринска пријавила во својот анкетен лист дека издава еден стан за годишна кирија од 3.911.641 денари. Преведено во евра тоа значи дека од издавање на само еден стан, Радмила Шеќеринска годишно остварува приход од 63.811 евра или 5.317 евра месечно. Каков е тој стан кој во Скопје кој може да се издаде за 5.317 евра месечно“, праша Илија Димовски, член на Извршниот комитет на партијата. Според ВМРО-ДПМНЕ, вака нереален приход од кирија е основ за сомнеж дека се работи за друг тип приходи кои се претставуваат како легални или пак дека станува збор за веќе постојни пари кои Шекеринска на овој начин ги легализира и постапно ги пријавува како приход на своето семејство. Повиканата Шекеринска тврди дека нема ништо спорно -  имотот и киријата ги пријавила во Државната комисија за спречување корупцијата и сите други релевантни институции. „Ја свртуваат темата од вистинските прашања за кирија која што уредно сум ја пријавила, а не како нив да ја кријам. И кирија која што согласно со менаџерскиот договор за работа мојот сопруг ја добива од фирмата за која што работи и за која што уредно платил данок“, рече Шекеринска. Нејзината матична партија денеска презентираше документи, според кои уредникот на Сител Драган Павловиќ - Латас и неговото семејство за две години во 2011 и 2012 година, дошле до два стана вредни 250 илјади евра – едниот на подарок, другиот купен. Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов презентираше два имотни листа - според едниот - на 06 април 2012 година Латас купил стан на Илинденска, во Карпош, од 107 м2 и помошни простории од 6 м2. Во вредност од околу 132 илјади евра. Според другиот имотен лист на 17 февруари 2011 година неговата ќерка добила на подарок стан од 87 м2 и помошни простории од 7 м2, исто така на Илинденска во Карпош. Со пазарна вредност од околу 109 илјади евра. „Очигледно некој бил многу дарежлив кон ќерката на Латас. Во 2011 година стан подарок од 109 илјади евра, во 2012 уште еден стан, купен, од 132 илјади евра. За две години Павловиќ се стекнале со станови во вредност од околу 240 илјади евра“, констатираше Шилегов.

Тој додава дека семејството Павловиќ пред да дојде до овие два стана, живееле во општествен стан во Центар. „Овој стан од 127 метри квадратни и вредност од 152 илјади евра, сега се води на име на сопругата. Со овој стан стамбениот фонд на Семејството Павловиќ се проценува на 400 илјади евра“, вели Шилегов.

Слично

Поврзани вести