ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЕКОНОМИЈАТА: Повеќе државата не смее да тоне
Oд ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека економијата во времето на СДСМ е во целосна стагнација.
Додаваат дека СДСМ е повеќе од една година на власт, а граѓаните според нив не видоа ниту еден капитален проект, туку само запирање и одолговлекување на веќе започнатите проекти од ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема раст на платите, нема покачување на пензиите и социјалната помош. Нивото на реализација на капиталните инвестиции во првите четири месеци оваа година е едвај 11%“- стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Тврдат дека додека економијата стагнира, картелот на власта, расипнички без основа, секој месец ја задолжува државата.
„Новиот долг во првите три месеци од годината е над 300.000.000 евра. За жал, Македонија е на дното во Европа по растот на БДП. Поразителен е извештајот на заводот за статистика и ова е само доказ со какво темпо неспособната Влада на Зоран Заев ја влече државата кон економски колапс. Ако вицепремиерот, Кочо Анѓушев барем малку му мисли добро на македонскиот народ, веднаш ќе си поднесе морална оставка. Повеќе државата не смее да тоне“- пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Велат дека граѓаните заслужуваат подобро и Република Македонија заслужувa подобро.
Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) за првото тримесечје од 2018 година е 0.1 %. Oвој податок беше објавен деновиве.
