ВМРО-ДПМНЕ: Во паника и очај, Заев грубо манипулира
Груби манипулации што ги фабрикуваат очајни политичари за да се справат со хаосот, паниката и нервозите во своите редови заради лошите изборни резултати - вака ВМРО-ДПМНЕ ја коментира најновата пресконференција на лидерот на опозицијата Зоран Заев, во која тој тврди дека објавените аудио снимки не се монтирани.
„Зоран Заев ќе мора пред суд да ги докажува своите лаги и обвинувања дека г-нот Никола Груевски земал 1,5 милиони евра во кеш. Заев во Судот ќе треба да го докаже тоа и уште многу работи кои ги тврди. ВМРО-ДПМНЕ како партија нема да дозволи да биде вовлечена во очајот, безидејноста и паниката на СДСМ“, стои во реакцијата на Центарот за комуникации на владејачката партија.
Од таму прашуваат со кое лице Зоран Заев говори за други, после толку афери, аболиција за финансиски криминал и тендери кои ги доделувал на роднини.
„Само да продолжат вака, зошто народот може да го види нивното вистинско лице и со секоја нивна нова навреда, клевета, пласирана манипулација, ние сме поблиску до 62 пратеници. Ова не поминува никаде, дури и вашите најаки симпатизери тоа ви го кажуваат, но ние немаме против да продолжите. На 27-ми април Зоран Заев и СДСМ ќе мора да се соочат со вистината“, стои во писмената реакција.
Слично
