ВМРО ДПМНЕ во одбрана на Божиновски – немал обврска да го пријави имотот на мајка му
Кирил Божиновски е оженет и не живее со неговата мајка, па затоа немал обврска да го пријавува нејзиниот имот во Антикорупциската комисија, се огласи ВМРО ДПМНЕ откако СДСМ денеска обелодени дека генералниот секретар на македонската Влада во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил стан, во сопственост на неговата мајка.
„Влегувањето во брак, односно промената на брачниот статус, нормално како за секој друг човек е верификувано од надлежните државни органи. Според тоа, Божиновски нема обврска и не сноси никаква одговорност за информирање и пријавување на имотот на семејната заедница во која тој не живее, без разлика дали станува збор за стекнување, продажба или за било каква друга промена во сопственоста. Станува дегутантно и смешно ова што Шилегов и СДСМ го прават. За она што го обвинуваат Кирил Божиновски нема ништо незаконско. Информациите околу имотот на Божиновски се јавно достапни и немаат никаква моментална поврзаност со имотот на семејната заедница во која што скоро две години не живее“, стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.
Социјалдемокатите денеска го обвинија Божиновски дека не го пријавил станот во сопственост на неговата мајка, во истата зграда каде што станови купиле двајцата синови на пратеничката Силвана Бонева, како и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
Според портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, во анкетниот лист достапен на интернет, генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски, пријавил: стан од 89 м2 во Скопје од 1989 година, земјоделско земјиште во Злокуќани, автомобил од 1997 година, куќа од 34 м2 во Скопје, од 2011 година – сето тоа имот на неговите родители. И уште 180.000 денари сопствен имот од продажба на половен автомобил.
„Но, Кирил Божиновски, во овој анкетен лист сокрил друг стан од 89 метри квадратни, кој се води на име на неговата мајка, Василка Божиновска, со пазарна вредност од околу 120.000 евра“, наведе Шилегов.
Слично
