ВМРО-ДПМНЕ со предлог-реформи за МРТ, за новинарските здруженија неприфатливи
Од владечката партија излегоа со предлог-регулативи за спорната точка од договорот од Пржино, со која треба да се ослободат медиумите од различните центри на моќ.
Од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат сто дена пред секои избори во МРТ да има по двајца уредници, еден од власта еден од опозицијата.
Овој предлог партијата го достави вчера на средбата во клубот на пратеници.
Со тоа на првата програма на телевизијата би имало двајца уредници, еден од ВМРО-ДПМНЕ и еден од СДСМ, додека на вториот канал би имало исто така двајца уредници, еден од ДУИ и еден од ДПА.
ВМРО-ДПМНЕ предлага јавниот сервис да се финансира со 0.17 отсто од буџетот, а да остане и радиодифузната такса. Дел од предлозите на оваа партија се сите медиуми да се регистрираат како трговски друштва, вклучително и порталите, да се разговара за закон за владино рекламирање и казните да се усогласат согласно Законот за казнени прекршоци.
Освен тоа, ВМРО-ДПМНЕ со предлогот, кој е наводно комбинација на словенечко – белгиски – германски модел, бара во предизборната кампања партиите простор да добиваат согласно на резултатите од последните избори.
Според СДСМ, ова е неприатливо, бидејќи се судира со ставот на партијата која не ги признава резултатите од последните избори и поради што дојде до преговорите во Пржино. Од опозициската партија информираат дека вчера воопшто не се разговарало за избирачкиот список и за начинот на неговото прочистување, а партиите не се ни малку блиску до заеднички договор, бидејќи предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се целосно различни од оние на опозицијата и на олеснувачите на преговорите.
На предлог-реформите реагирааше и новинарската фела, за која овие измени се неприфатливи.
Насер Селмани од Здружението на новинари (ЗНМ) и Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии (ИКС) изјавија дека за нив овие предлози се само партиски решенија, за кои воошто не треба ни се дискутира.
Според Селмани, предлогот на владејачката партија е несериозен и во никој случај нема да ги ослободи медиумите од партиските стеги.
„ЗНМ нема добиено писмен предлог од ВМРО-ДПМНЕ за редформи во медиумите. Од она што беше пренесено во медиумите со жалење можеме да кажеме дека се работи за несериозни предлог, кој во никој случај нема да ги ослободи медиумите од партиските стеги.”- вели претседателот на ЗНМ за НОВА.
Без компромис и доближување на ставовите, реформите во медиумската сфера и прочистувањето на Избирачкиот список, и натаму остануваат главна пречка во преговорите и имплементацијата на договорот од Пржино.
