ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ врши упад во автономијата на Универзитетот
Партијата на власт ја обвинува опозициската партија дека врши упад во автономијата на Универзитетот со тоа што ја оспорува одлуката на најстариот управувачки орган на УКИМ, Сенатот, при избор на нов ректор.
„СДСМ го прави токму тоа, продолжувајќи со невиденото и срамно однесување откако вчера се обиде и не успеа да го спречи одржувањето на изборот на нов ректор на универзитетот“, велат од партијата на Никола Груевски, потенцирајќи го жестокото противење на отворањето нов универзитет на СДСМ.
„Истата реторика против основање на нов државен универзитет ја имаше и во 2007 година при основањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. И тогаш СДСМ паѓаше во транс против отворањето на универзитетот кој денес е втор по квалитет во Република Македонија, исто како што денес не може да прифати, а камо ли да ја поздрави одлуката за основање на нов државен универзитет“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„За СДСМ образованието е право само на нивните елити и тие имаат единствено право да одлучуваат кој треба, а кој не смее да се школува во Македонија. За СДСМ е лошо кога се реновираат студентски домови и кога се градат нови, лошо е кога се намалува партиципацијата за студирање, лошо е кога се преведуваат стручни книги од најдобрите факултети, лошо е кога им се олеснува животот на студентите со низа други мерки. За СДСМ е лошо кога се апсат корумпирани професори кои директно ги оштетувале студентите барајќи им мито. СДСМ ги бранеше корумпираните професори, без да помисли воопшто на студентите и голготата низ која минувале“, посочуваат, дополнувајќи дека СДСМ ги ги користи студентите како топовско месо кога сака на мала врата да протне партиска политика затскриена зад т.н. „граѓански иницијативи“.
