ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ преку закани сака да го блокира издавањето на еврообврзницата
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека единствена цел на СДСМ е да ја наруши финансиската стабилност и финансиските текови во Република Македонија според мотото „колку полошо за Република Македонија и нејзините граѓани, толку подобро за СДСМ.
Велат дека СДСМ прави уште едно финансиско злосторство со обидот преку закани, лаги и невистини да го блокира издавањето на еврообврзницата, која е вообичаен начин на финансирање на секоја европска држава.
„СДСМ ова го прави бидејќи не сака просперитетна Македонија, туку Македонија каква што СДСМ ја остави зад себе – во пустош, со нула инвестиции и рекордно високо ниво на невработеност. Парите со кои располагаше СДСМ испарија во џебовите на партиските функционери и не беа вложени во ниту една капитална инвестиција“ - стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека СДСМ цело време очајно се обидува да изврши упад во финансискиот систем со намера да ги спречи инвестициите во градинки, училишта, патишта, болници, отворање на нови работни места и други проекти од кои бенефит имаат сите граѓани на Република Македонија.
