ВМРО-ДПМНЕ: Ние купуваме, СДСМ користи имот на граѓаните
На СДСМ им пречи што ВМРО-ДПМНЕ има партиски штабови во поголемите градови низ Македонија, реагираат од владејачката партија на денешната прозивка од опозицискиот лидер Зоран Заев за новостекнатиот партиски имот.
„Ако тоа им пречи, подготвени сме да се откажеме од штабовите и состаноците да ги држиме на отворено, на плоштадите“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ немале потреба да се мачат и да бараат по архивите на државните институции колку штабови има ВМРО-ДПМНЕ низ Македонија, бидејќи тоа се јавно достапни документи во Катастар и се документи кои се достапни и на Државниот завод за ревизија и на сите надлежни институции. На крај, ако имале желба можеле да се јават и да ни ги побараат. Ние ќе им ги дадевме. Ако СДСМ имаат желба ние навистина ги покануваме да дојдат кај нас и да им ги презентираме сите докумети и договори за купување на штабови во поголемите градови“, соопштува ВМРО -ДПМНЕ.
Од партијата на власт потенцираат дека за разлика од нив, СДСМ го користи огромниот имот на поранешниот Сојуз на комунисти на Македонија, кој своевремено бил граде со пари од сите граѓани.
„Вредноста на недвижниот имотот со кој распола СДСМ има минимална пазарна цена од над 5 000 000 евра. Но овие пари не се ниту од чланарини, ниту од донации. Овие пари се на сите граѓани на Република Македонија, а СДСМ ги зграбила како наследник на Сојузот на комунисти", се вели во реакцијата.
Освен ова од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека е погрешна пазарната вредност што СДСМ тврди дека ја има имотот на владејачката партија. Партиските штабови што ги купила ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период не вредат 1,6 милиони евра, а за нив бил платен и соодветен данок, тврдат од партијата.
Слично
