ВМРО-ДПМНЕ: Нема штета од Субрата Рој, Владата никогаш не рекла дека Индиецот ќе инвестира
Со случајот Субрата Рој нема никаква штета за државата и граѓаните, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата-одговор на пресконференцијата на која опозицискиот СДСМ побара одговори колкава е штетата од пропаднатата инвестиција на индискиот бизнисмен.
„Владата и премиерот Груевски никогаш не рекла дека Сахара Груп ќе инвестира, ниту дека нема да инвестира. Владата единствено соопшти дека компанијата пројавила интерес, а самиот сопственик на компанијата изјави дека ќе инвестира. Прашањето дали таа ќе инвестира или нема да инвестира, е тема која зависи од самиот инвеститор, а задача на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е да се бори за секое новоотворено работно место кое значи егзистенција за граѓаните и многу семејства“, стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.
Според владејачката партија, опозицијата нема никаков кредибилитет да зборува за политиката за привлекување на странски инвестиции.
Претходно, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески изјави дека пропаѓањето на инвестицијата на Субрата Рој во Македонија не можело да се предвиди, но оти државата е заштитена со банкарската гаранција од три милиони евра.
Слично
