ВМРО-ДПМНЕ: Не успеа планот на СДСМ да ги делегитимира изборите
На овие избори победија граѓаните на Република Македонија кои избраа претседател и легитимни пратеници во Собранието на РМ, изјави вечерва Антонио Милошоски, еден од носителите на листите за кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој оцени дека денеска имавме многу мирен изборен ден и мирни, фер и демократски избори.
„Со одржувањето избори без ниту еден посериозен и поголем инцидент или каков било проблем кој би можел да влијае на изборниот резултат и волјата на народот, сите ние граѓаните на Република Македонија остваривме една голема победа. Ова се убедливо најмирните избори што досега се имаат одржано во историјата на независна Република Македонија и нема потреба ние и кој било друг да го докажува тоа, тоа денеска го докажа амбиентот, атмосферата, однесувањето, гласањето и текот на целиот изборен ден“, изјави Милошоски.
Според Милошоски, со овие избори Република Македонија покажа дека е европска земја не само според демографските, туку и според изборните стандарди, начинот на однесување и гласањето во изборниот процес.
„Иако постоеја одредени јалови обиди од страна на опозицијата да се претстават овие избори како неефикасно спроведувани и обиди за создавање изговор заради сопствениот неуспех, евидентен во првиот изборен круг, тие обиди не успеаја затоа што граѓаните не дозволија да бидат вовлечени во такви манипулативни сценарија и калкулации на една опозициска партија. И граѓаните го дадоа најголемиот одговор и најјасната порака на ваквите обиди за манипулација со изборната волја“, рече Милошоски.
Тој додава дека одредени структури на СДСМ се обиделе невешто и неуспешно да исценираат амбиент за нелегитимност на изборите преку кршење на изборниот молк во делот на медиумите коишто се прилично под нивна контрола и пласирање на непроверени тези за наводно недемократско однесување на учесниците на изборите, на изборниот процес и тоа без ниту еден легитимен или валиден доказ, без ниту еден факт или аргумент или со некои полувистини, недоречености кои што беа на ниво на шпекулации и манипулации.
„Опозицијата денеска имаше два јалови обида, но и во текот на целиот изминат период. Првиот обид беше што пробаа да креираат слика за некакви изборни нерегуларности и секој еден граѓанин можеше да се увери дека изборната волја и правото на избор, еден човек, еден глас беше сосема легитимно загарантирано, а и овозможено за секого. Пробаа преку нивни блиски медиуми коишто го кршеа молкот исто како и во првиот круг да создадат слика дека нешто страшно се случува на терен да монтираат слики, се занимаваа со тоа дали некој во затвор делел бесплатни сапуни, обвинуваа за некакви притисоци, одредени категории граѓани без да посочат точно имиња, места или дејствија. Од првиот јалов обид опозицијата беше прочитана“, рече Милошоски.
„Вториот нивен јалов обид, се состоеше во тоа што претставници на опозицијата правеа огромни напори за нелигитимни дејствија од типот притисоци врз вработените во комуналните претпријатија во Струмица, обиди да се врши нелегитимно убедување кон припадници на помалите етнички заедници преку обиди за поткуп и други форми на притисоци, креирање разни списоци за отпуштање од администрацијата таму каде што имаат градоначалници, агитации на избирачко место, делење изборен материјал на изборниот молк на гласачко место и креирање тотално измислени приказни пласирани преку одредени портали за наводно апсење на некои градоначалници, за агресивно однесување на наши високи функционери, за делење некакви летоци, документи и друго“, вели Милошоски.
Според него ниту еден од овие обиди на опозицијата не успеал.
Слично
