ВМРО-ДПМНЕ:Наумов повторно се обидува да ја манипулира јавноста создавајќи незадоволство
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната информација од дополнителниот заменик – министер за финансии, Кире Наумов, кој кажа дека дека клиентите на домашниот пазар полека се повлекуваат од запишувањето на државни хартии од вредност.
Според Наумов, со 60% зголемување на каматната стапка, министерството за финансии се труди да продолжи со галопирачкото на задолжување зацртано од оваа власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Наумов ја манипулира јавноста. Од партијата додаваат дека средствата се користат за финансирање на редовните расходи предвидени во Буџетот.
„Кире Наумов повторно се обидува да ја манипулира јавноста создавајќи незадоволство и паника. Но, зошто Кире Наумов не кажува колкави беа каматните стапки во времето на СДСМ? Ние ќе потсетиме. Каматните стапки на државните хартии од вредност во времето на СДСМ беа и над 11%. Значи ако се сега околу 2% тогаш биле дури над 11%. Но, граѓаните знаат што е вистината. А вистината е дека Македонија во моментот е меѓу петте најмалку задолжени земји во Европа. Потврда дека долгот е на умерено ниво имаме од сите реномирани меѓународни финансиски институции како Светска банка, ММФ и кредитните рејтинг агенции Фич и Стандард и Пурс. Но, тоа нормално нема да го слушнете од СДСМ“ - реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Нема да слушнете дека државните хартии од вредност беа воведени во 2004 година, додаваат од партијата во соопштението. Објаснуваат дека уште во 2003 година тогашниот министер за финансии има донесено Стратегија за развој на пазарот на државни хартии од вредност во која се вели дека државните хартии од вредност ќе и помагаат на Владата на РМ за поефикасно финансирање на буџетскиот ликвидносен јаз кој е детерминиран од временската неусогласеност на јавните приходи и расходи, односно буџетскиот дефицит и истовремено за поддршка на развојот на финансиските пазари.
Во Стратегијата се наведува и дека овој начин на финансирање на буџетскиот дефицит е многу поевтин и помалку ризичен на надворешни шокови и финансиски кризи.
