ВМРО-ДПМНЕ: НА 8-ми Септември 1991 е исполнет вековниот сон на Македонија
По повод 24 години независна и суверена Македонија од владеачката партија испратија честитка во која се вели „Датумот 8-ми Септември 1991 година е испишан со најсветли букви во македонската историја, бидејќи беше исполнување на вековниот сон на генерации Македонци за суверена, слободна и независна Македонија. Република Македонија денес го живее аманетот оставен од илјадници нејзини синови кои преку Илинденската епопеја и АСНОМ ги поставија темелите на државноста која денес суверено и самостојно ја градиме“.
Од оваа партија велат дека храбрите одлуки кои биле донесени пред 24 години треба да бидат поттик да се продолжи бескомпромисно да се оди по патот кон напредокот на нашата татковина.
– Нашата и секоја идна генерација треба да ја продолжи визијата и стремежот со кој започнавме да ја градиме нашата независна државност. Токму тој идеал, Македонија да биде засебен и рамноправен член на меѓународната заедница на држави, е водилка во изградбата на модерно, современо и економски стабилно општество, кое ќе гарантира благосостојба и успех за секој наш сограѓанин, се вели во честитката на владеачката партија.
